ПОЧИНА АКАДЕМИК БЛАЖЕ РИСТОВСКИ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПРВАТА ВЛАДА

    ПОЧИНА АКАДЕМИК БЛАЖЕ РИСТОВСКИ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПРВАТА ВЛАДААкадемик Ристовски беше потпретседател на првата Влада на Македонија во 1991 и уредник на првата Македонска енциклопедија (Фото: М. Златевска)

    Академик Блаже Ристовски, истакнат македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар, и потпреседател на првата Влада на независна Македонија од 1991 , почина синоќа во Скопје на 87 години, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).  Тој е уредник на првата Македонска енциклопедија во издание на МАНУ.

    Комеморацијата по повод смртта на академик Ристовски во МАНУ  е закажана за утре во 10, 30 часот, а погребот е во 13 часот на Градските гробишта „Бутел“.

    Ристовски потекнува од семејство кое дирекно било вклучено во македонското револуционерно ослободително движење, неговиот дедо Ристо бил деец на Македонската револуционерна организација, кој поради својата дејност бил на три пати осудуван на по сто и една година затвор како селски началник на Организацијата.

    Основно образование завршил во родното село Гарниково, а гимназија во Кавадарци. Завршил Филолошки факултет во Скопје во 1955, во 1965 докторира на филолошки науки.  Уште како дете, во летото 1943, се вклучил во Народноослободителната борба протиф фашизмот, носел писма до Јованче Балавура. Во 1944, иако уште не бил доволно свесен и информиран, учествувал на собирите во Кавадарци каде се зборувало за слободата. На 13 години бил поставен за помошник-учител, на назначениот учител во Гарниково, а во Кавадарци на одреден начин ги одржувал конференциите во ИВ реон.

    Во 1945 учествувал во формирањето на конспиративната група Македонска активна народно-комунистичка организација (МАНКО). Во овој период Ристовски активно учествувал во создавањето на библиотека со скромен фонд од областа на историјата и културата на Македонија и на првата демонстрација, поради што бил уапсен од полицијата. Меѓутоа властите не ја откриле конспиративната група и Ристовски заедно со останатите уапсени бил ослободен. Во учебната 1945/46 Ристовски учествувал во нелегалното печатење на околу 300 летоци, кои подоцна ги сокрил во својата куќа, меѓутоа поради лошите услови тие биле уништени. Ристовски им предложил на Ристо Чулев и Киро Велковски, негови блиски пријатели, да испечатат летоци и да ги растурат во текот на училишната екскурзија. Идејата била прифатена, текстот бил напишан од Ристовски, а летоците биле испечатени и поделени во три дела. Но, полицијата дознала за ова, сите ученици тргнале на ексурзијата, а автобустот со кој патувале бил застанат во Скопје каде што Ристовски, заедно со Ристо Чулев и Киро Велковски, бил уапсен на 15 април 1948.

    Во текот на два месеца, Ристовски бил испитуван од тајната полиција УДБА по што бил преместен во Централниот затвор во Скопје. Три дена по пристигнувањето во овој затвор на Ристовски му бил доставен обвинителен акт според кој тој и неговите пријатели биле обвинети за „непријатели на слободата на нашиот (македонскиот) народ“. Според обвинтителниот акт, уште во 1946 групата ја започнала својата „противнародна дејност и создавање на терористичка и бандитска група“. По добивањето на обвинението, Ристовски заедно со останатите притворени бил одведен до окружниот суд каде што бил осуден на 6 месеци затвор. По изрекувањето на пресудатата, казната ја издржувал во Идризово. Неколку дена пред истекот на 6-месечната казната, Ристовски бил ослободен.

    Со научна дејност започнал да се занимава уште по запишувањето на студиите, а првиот истражувачки труд го објавува во тогашниот орган на Катедрата за јужнословенски јазици – Македонски јазик.  Во 1988 бил избран за дописен член на МАНУ, а во 1996 за редовен член.

    По одбраната на докторската дисертација за животот и делото на Крсте П. Мисирков, во 1965 е избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја, каде што го раководи тимот за културната историја и Балканолошкото одделение. Избран е за прв потпретседател на првата Влада на самостојна Република Македонија (1991 – 1992), а до пензионирањето е научен советник во Институтот за старословенска култура (1993 – 1995). Беше член на редакциите на списанието Етнологиа Славица (Братислава), Демос (Берлин), Народно стваралаштво – Фолклор (Белград), Погледи, Современост, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје).

    Беше претседател на Здружението на фолклористите на Македонија и на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, прв потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско – историскиот факултет цивилизации (Сорбона ИИИ) во Париз (1986 и 1992) и секретар на МАНУ (1999 – 2002).

    Ристовски е татко на пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира