Актерот и професор Данчо Чеврески почина на 69 години по долго боледување, потврдија за САКАМАКАЖАМ.МК од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје, каде беше професор и во еден период и декан. Погребот е утре, велат од ФДУ, исклучиво во кругот на семејството, согласно протоколите за заштита од ковид-19.
Чеврески дипломирал на ФДУ во Скопје на отсекот за драмски актери. Специјализација, односно филмско усовршување има добиено на УКЛА во Лос Анџелес.
Глумеше во повеќе југословенски и македонски филмови, меѓу кои: „Партизанска ескадрила“ каде стана популарен со ликот Зеко, „Игмански марш“, „Најдолгиот пат“, „Хај-фај“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, „Деца на сонцето, а последна филмска улога му е во „Втора шанса“ на Марија Џиџева од 2019. Како продуцент беше коосновач на „Триангл“ и ги продуцираше филмовите на Столе Попов.
Добитник е на повеќе награди во текот на неговата кариера, а лани на 14. издание на Интернационалниот филмски фестивал Астерфест ја доби наградата Астер за исклучителни достигнувања на филмот и на ТВ.
Б. НЕСТОРОСКА