ПОЧИНА АКТЕРСКИОТ ДОАЈЕН КИРИЛ ПСАЛТИРОВ

    ПОЧИНА АКТЕРСКИОТ ДОАЈЕН КИРИЛ ПСАЛТИРОВОд 1974 до пензионирањето Псалтиров беше актер во Македонскиот народен театар. (Фото: МНТ)

    Актерскиот доајен Кирил Псалтиров почина во Скопје по тешко боледување. Имаше 80 години. Псалтиров е дел од првата генерација на дипломирани актери на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а од 1974 до пензионирањето беше член на ансамболот на Македонскиот народен театар (МНТ).

    „Псалтиров беше неразделен дел од театарот и секогаш дел од нас ќе биде неговата посветеност кон театарот и големиот број на одиграни улоги. Засекогаш ќе остане дел од МНТ“, велат од МНТ.

    Првата улога во МНТ му е во претставата „Јунона и Паунот“ (1971), а последната е улогата на Љупче во „Писание“ (2002). Во аналите на МНТ ќе остане запомнет како Тевје во „Свирач на покрив“ (1983), но и по улогите на Освалд во „Крал Лир“ (1972), Оберлајтнант фон Балочански во „Господа Глембаеви“, Крам во „Бертолт Брехт пред комитетот за антиамериканска дејност“ (1977), Д-р Нинковиќ во „Госпоѓа министерка“ (1977 и 1983), Феѓка во „Бесови“ (1978), Ампо во „Чорбаџи Теодос“ (1978), Завиша во „Војна и мир во Груда“ (1981), Попот во „Макавејски празници“ (1983), Боб Мојра во „Бог“ (1984), Солин во „Забуни“ (1989), Кралот Едвард во „Ричард трети“ (1990), Кардиналот Донателов во „Еригон“ и други.

    Псалтиров ќе остане запомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги меѓу кои и во „Пред дождот“, „Најдолгиот пат“, „Време води“, „Пресуда“, „Мисија Лондон“, но и „Волшебното самарче“, „Во светот на бајките“, „Тврдокорни“ и „Македонски народни приказни“.

    МНТ соопшти дека комеморацијата за Псалтиров не ќе може да се одржи поради мерките за ковид пандемијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира