ПОЧИНА ДЕТСКИОТ ПИСАТЕЛ ВИДОЕ ВИДИЧЕСКИ

    ПОЧИНА ДЕТСКИОТ ПИСАТЕЛ ВИДОЕ ВИДИЧЕСКИДобитник е на низа награди меѓу кои и наградата на Струшките вечери на поезијата.

    На 89-годишна возраст во Охрид почина писателот Видое Видически.

    Видически остави голема трага за време на својот живот со богатото творештво како поет, драматург, новинар и хроничар на градот.

    Првото свое дело „Сини питоми утрини“ го објавил во 1959 година, по што следат поетските книги „Вечерен пејзаж од градот“, „Песни за потопот“, „Кажување на задоцнетиот пророк“, „Вие“ и „Биље крај езерото“. Според неговата книга „Големата Шума“ во 1977 година е работена телевизиската серија „Малиот одред“. Автор е и на романите за деца „Цревните рози“ и „Таинствени води“, како и на драмите „Бреговите се немирни“ и „Балада за орканата“.

    Неговата поезија преведувана е на повеќе светски јазици.

    Добитник е на низа награди и признанија меѓу кои: наградата на Струшките вечери на поезијата, наградата за најдобра книга меѓу два саема, Седмоноемвриската награда на Охрид, и наградата на „Дијалог“ за најдобра поетска книга во 2009 година.

    Во 2018 година беше добитник на наградата „Книжевно жезло“, што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности. Истата година Видически ја доби највисоката општинска награда за животно дело Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид.

    Видически е основач и прв директор на Радио Охрид, еден од основачите и раководител на Фестивалот „Охридско лето“ и иницијатор за создавање на манифестацијата „Прличевите беседи“. Раководел и со градската библиотека „Григор Прличев“ и Центарот за култура „Григор Прличев“.

    „Загубивме вреден и голем човек, кој преку својата посветена работа и долгогодишно творештво остави значајни дела и силен печат во историјата на Охрид“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиевски по повод смртта на Видически.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира