ПОЧИНА ДИНА КУВАТА, ВЛАШКИ ПИСАТЕЛ И АКТИВИСТ ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПРАВА НА ВЛАСИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

    ПОЧИНА ДИНА КУВАТА, ВЛАШКИ ПИСАТЕЛ И АКТИВИСТ ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛНИ ПРАВА НА ВЛАСИТЕ ВО МАКЕДОНИЈАКувата е заслужен е за внесувањето на Власите во Преамбулата на Уставот на Македонија. (Фото: Фејсбук)

    Почина Димо Наум Димчев, чие влашко име е Дина Кувата, активист, писател и општественик кој е меѓу најзаслужните што во поновата историја на Македонија Власите добија основни институционални права. Имаше 73 години.

    Кувата е основач и прв уредник на Редакциите за влашки јазик на МРТ, претседател на Унијата за култура на Власите од Македонија и на здружението „Питу Гули“ од Скопје, како и основач и прв претседател на Лигата на Власите од Македонија и еден од основачите на Демократскиот сојуз на Власите. Заслужен е за внесувањето на Власите во Преамбулата на Уставот на Македонија; за внесувањето на Националниот ден на Власите 23 Мај во Законот за празниците на Македонија и за воведувањето на факултативната настава по влашки јазик во основните училишта во Македонија (1995/96).

    Признат и познат влашки поет и писател од Македонија и надвор од неа, тој е единствен Влав, публицист, кој беше член на Друштвото на писателите на Македонија. Беше извонреден преведувач од влашки на романски, од романски на македонски и од македонски на влашки. Единствен е кој од романски на влашки јазик ја преведе Библијата, ги има преведено и објавено најнеопходните книги за одржување богослужба на влашки јазик, како и „Божествена комедија”, „Илијада“, „Одисеја“, „Енеида“, „Шах-Наме“; „Песна за Нибелунзите“ и многу други книжевни дела во кои обработува теми за историските и современите текови и процеси на Власите. Опусот на неговиот книжевен фонд изнесува нешто повеќе од 120 книги за Власите и 64 изданија на единственото списание на влашки јазик во Македонија „Влашкиот збор“, а и првите броеви на списанието „Феникс“ на влашки јазик беа негова идеја и реализација.

    Основач е на Влашкото научно друштво „Константин Белемаче“, со издадени 29 броја на списанието „Документи“, во кои се објавени 200 научни трудови за Власите. Коавтор е и на првиот влашки „Абецедар“ со кој де факто започна процесот на изучување на влашкиот јазик во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира