Македонскиот филмски филмски режисер и сценарист Кирил Ценевски почина денеска на 76 години во Скопје, соопшти Кинотеката на Македонија. Ценевски, авторот на култниот „Црно семе“ што му беше филмско деби, по многу параметри важи за единствена појава во македонската кинематографија.
„Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм ’Црно семе’ ги освои не само најважните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали“, велат од Кинотеката.
Погребот ќе биде утре во 11 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.
Ценевски, кој со години не се појавуваше во јавност и три децении не работел филм, е роден е во Крива Паланка, на 28 јануари 1943. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занима уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот„Цената на градот“ во 1970. Во 1971 Ценевски го режира филмот „Црно семе“ за којшто добива повеќе награди меѓу кои и Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври, е и југословенски кандидат за Оскар таа година.
Ценевски е добитник на наградата Златен објектив за 2013 која Кинотеката ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија. Истата година беше првиот добитник и на наградата Големата ѕвезда на македонскиот филм, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Кинотеката во март годинава го промовираше ДВД изданието со дигитално реставрираните играни филмови на Ценевски. Меѓу бројните гости, на настанот присуствуваа и актерите од неговиот последен игран филм „Јазол“, Костадинка Велковска и Лазар Ристовски.
„Со своите филмови Кирил Ценевски е бунтовник. Бунтовност насочена не кон човекот, ни кон луѓето, туку кон системите. Кон прагмите, кон конвенциите. Неговите филмови се отпор кон рамките на уметноста и животот“, рече филмскиот критичар Влатко Галевски на промоцијата на ДВД изданието.
Изданието ги содржи филмовите „Црно семе“ (1971), „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“ (1985), а посебни додатоци има со избор на сцени, биофилмографија, автори и соработници, фотогалерија, содржина, резиме и извадоци од печат.
„По ’Јазол’, Ценевски не застана зад камерата повеќе од три децении. Неговиот (пре)долг авторски молк можеби е уште една причина за навраќање на овој, по многу нешта исклучителен, филмски опус, со дигитализираното издание на неговите играни филмови“, рече тогаш директорот на Кинотеката Владимир Ангелов.
Б. НЕСТОРОСКА