ПОЧИНА ФРАНЦУСКО-ИРАНСКАТА РЕЖИСЕРКА МАРЏАН САТРАПИ, АВТОРКАТА НА „ПЕРСЕПОЛИС“

    ПОЧИНА ФРАНЦУСКО-ИРАНСКАТА РЕЖИСЕРКА МАРЏАН САТРАПИ, АВТОРКАТА НА „ПЕРСЕПОЛИС“Сатрапи беше отворена критичарка на теократската влада на Иран, а во Франција живееше од 1994 (Фото: АП)

    На 56 години почина Марџан Сатрапи, француско-иранска авторка и режисерка, најпозната по графичкиот роман и филмот „Персеполис“.

    „Марџан Сатрапи почина од тага малку повеќе од една година по смртта на Матијас Рипа, нејзиниот сопруг и љубовта на нејзиниот живот“, се вели во соопштението на семејството.

    Рипа, шведски продуцент, актер и сценарист, почина на 8 април минатата година.

    Сатрапи, која беше отворена критичарка на теократската влада на Иран, пристигна во Франција во 1994 и доби француско државјанство 12 години подоцна.

    „Персеполис“ ја раскажува приказната за раниот живот на Сатрапи во Техеран, мачејќи се со ограничувањата наметнати од исламското раководство на Иран по револуцијата во 1979, пред нејзините родители да ја испратат во Европа и да започне живот во егзил.

    Минатата година, таа го одби орденот Легија на честа поради „лицемерството на Франција во нејзините односи со Иран“, наведувајќи дека француската визна политика ги спречува иранските дисиденти да дојдат во Франција.

    Сатрапи режираше неколку филма, вклучувајќи ја адаптацијата на нејзиниот графички роман „Персеполис“, што ја освои наградата на жирито на Канскиот филмски фестивал во 2007 и беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм во 2008. Нејзината работа се прошири и на приказни кои не се поврзани со Иран, вклучувајќи го „Радиоактивно“ од 2019, биографскиот филм за Марија Кири, која ја глумеше Розамунд Пајк.

    Рипа, кого го запознала во Париз, ѝ бил долгогодишен соработник. По неговата смрт, Сатрапи ја основала филмската фондација „Матијас и Марџан Рипа-Сатрапи“ за да ги поддржи странските студенти кои сакаат да дојдат во Париз за да студираат филмска режија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира