Рускиот уметник Илја Кабаков, еден од најзначајните современи уметници и еден од основачите на движењето Московски концептуализам, почина вчера на 89 години, соопшти на Фејсбук Фондацијата „Илја и Емилија Кабаков“.
„Со жалење ја објавуваме смртта на Илја Кабаков, голем уметник, филозоф, сакан сопруг, драг татко и симпатичен дедо. Човекот кој цел живот сонуваше за утопија, замина од овој свет во саботата на 27 мај, опкружен со најблиските. Почина кусо пред 90-тиот роденден“, се вели во соопштението.
Кабаков живееше во САД од 1989. Автор е на серијата наречена „Десет ликови“, „Црвен павилјон“ и „Инцидент во музејските инсталации“ и други. Неговите слики „Делукс соба“ и „Буба“ беа продадени за 4,1 милиони долари (2006) и 5,8 милиони долари (2008), при што секоја од нив стана најскапото современо уметничко дело од Русија во тоа време.
Роден во Днепропетровск, живеел и работел во Москва 30 години, од 1950-те до доцните 1980-ти, а од тогаш живееше во Лонг Ајленд, Њујорк.
Неговите дела се дел од колекциите на музејот Ѕимерли, на Бобур, Музејот на современа уметност и Гугенхајм во Њујорк, Ермитаж, Третјаковската галерија, Норвешкиот музеј на современа уметност и ред други, а во 2017 имаше две големи изложби во Тејт Модерн во Лондон и во музејот Хиршхорн во Вашингтон.