ПОЧИНА ОПЕРСКАТА ПЕЈАЧКА ИРЕНА КАВКАЛЕВСКА

    ПОЧИНА ОПЕРСКАТА ПЕЈАЧКА ИРЕНА КАВКАЛЕВСКАКавкалеска имаше успешни креации во „Кармен“, „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Јулиј Цезар во Египет“, „Севилскиот берберин“, „Лилјакот“, „Иван Сусањин“, „Цар Самоил“. (Фото: НОБ)

    Почина оперската пејачка Ирена Кавкалевска, мецосопран во Националната опера и балет (НОБ), објави нејзиното семејство. Имаше 51 година. Погребот ќе се одржи в петок во 12 часот, на градските гробишта во Бутел во Скопје.

    Добитничка на неколку награди и школувана во Македонија, Софија, Грац, Загреб, Кавкалевска дебитираше на сцената на Македонската опера и балет во 1996 со улогата на Мадалена во „Риголето“. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а нејзиниот репертоар зборува за успешни креации во „Кармен“, „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Јулиј Цезар во Египет“, „Севилскиот берберин“, „Лилјакот“, „Иван Сусањин“, „Цар Самоил“.

    „Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што ја толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ја долови фаталната женска привлечност“, е една од рецензиите на музичката критика за креацијата на уметницата во познатата опера на Жорж Бизе.

    „Нејзината појава беше особено ретка, како на сцената така и во приватниот живот. Зрачејќи со својата елеганција, нежност и племенитост, остави голема трага во срцата на публиката и колегите. Истовремено, беше и силен борец во сите животни премрежја. Прераната смрт на почитуваната и драга Ирена Кавкалевска за Македонската опера и балет и воопшто, за севкупниот културен живот, претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации“, вели НОБ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира