ПОЧИНА ТРАЈКО ДИМИТРОВ, АРХИТЕКТОТ НА ПРИРОДОНАУЧНИОТ МУЗЕЈ, БАЗЕНОТ „МЛАДОСТ“, „ПАЛОМА БЈАНКА“

    ПОЧИНА ТРАЈКО ДИМИТРОВ, АРХИТЕКТОТ НА ПРИРОДОНАУЧНИОТ МУЗЕЈ, БАЗЕНОТ „МЛАДОСТ“, „ПАЛОМА БЈАНКА“Димитров е автор и на окриениот пливачки базен „Младост” во Скопје. (Фото: МАРХ)

    Почина архитектот Трајко Димитров, кој е дел од првата генерација архитекти запишана на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1949, соопшти семејството. Имаше 92 години.  Негови позначајни реализирани дела се Пристанишната аеродромска зграда „Скопје” во скопски Петровец,  Домот на културата „Кочо Рацин” во Скопје, Природнонаучниот музеј во Скопје, Кошаркарската сала „Работнички” во Скопје, (со арх. Ж. Гелевски), Универзалната спортска сала на Тутунски комбинат во Прилеп, Покриениот пливачки базен „Младост” во Скопје и административно-деловниот комплекс „Палома Бјанка“.

    Дипломирал во 1956, а по дипломирањето се вработил во Заводот за станбена изградба во Скопје, којшто подоцна се трансформирал во „Македонија проект” и тука останал сѐ до истекот на неговиот активен работен стаж во 1990. Својата кариера претежно ја посветил на проектирањето на објекти од општествен карактер, давајќи притоа посебен акцент на спортските објекти, вели Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).

    Добитник е на Борбина плакета за аеродромската зграда „Скопје” во Петровец, Скопје, на Златна јубилејна плакета за Универзалната спортска сала на Тутунскиот комбинат во Прилеп и Голема награда на БИМАС за Универзалната спортска сала во Куманово.

    Погребот е на 6 јануари, на Градските гробишта Бутел од 13 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира