За монографијата за неговиот син Филип Стевановски, музичарот кој загина во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март, професорот Маријан Стевановски вели дека почнал да ја пишува од моментот кога се случил пожарот. Монографијата ќе се промовира на Џез фестивалот во Куманово, то ќе се оддржи во Занаетчискиот дом куманово на 14 и на 15 октомври.
Првата вечер ќе биде посветена на Филип Стевановски со промоција на монографијата, документарен филм за него, и свирење негови авторски композиции. Втората вечер е интернационална џез вечер.
„Монографијата ја пишував од моментот кога се случи трагедијата до моментот на објавата. Тоа значи околу 6 месеци. Монографијата има 500 страници кои се исполнети со текст и илустрации. Оваа монографија не ја пишував само како сведоштво за неговиот живот, туку и како обид да го претставам неговиот краток, но многу плоден живот преку спомени, преку музиката што ја создаваше, преку луѓето што ги допре со својата добрина, екстровертност, љубов, почитување и дружење. Тоа е мост помеѓу времето што го живеевме заедно и времето што доаѓа, во кое сакам Филип да остане присутен како инспирација и како звук што не исчезнува. Со оваа монографија сакам да го сочувам сето она што беше тој: неговата чувствителност, храброст, уникатен музички дар, неговата топлина и онаа посебна светлина што ја носеше со себе, за неговото семејство, за пријателите, за идните генерации кои можеби никогаш не го запознале, но ќе можат да го почувствуваат преку монографијата“, ни рече Маријан Стевановски, редовен професор на Меѓународниот Славјански Универзитет во Свети Николе и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола.
Стевановски е и лиценциран самостоен научен истражувач, а се занимава и со музика и планинарење.
„Морав да соберам сила да пишувам затоа што Филип го заслужуваше тоа. Да биде незаборавен. Кога свиреше, се добиваше впечаток дека светот застануваше. Таква беше неговата моќ, такво беше неговото влијание. Филип не беше само наш син, брат, сопруг, татко, пријател, другар, колега, туку и наша инспирација, генијален уметник чија музика допираше до срцата на многумина. Со секоја мелодија што ја создаваше, со секој тон што го свиреше, тој оставаше свој печат на емоција, на убавина, на живот. Неговата музика беше неговиот глас, неговиот свет, неговата порака до светот. И таа музика ќе продолжи да живее, засекогаш како сведоштво за неговата страст и неговата уметност. Неговите дела ќе живеат вечно, како спомен на неговиот талент, умешност, визија, посветеност и исполнителност. Но, повеќе од сè, Филип беше наш сакан ‘најмил татичко’ на својата ќерка Лора, сакан сопруг на сопругата Ирена, наш сакан син, на мајката Снежана која секогаш велеше ‘мил на мајка’ и мене, таткото Маријан, при што кога ќе се видевме или чуевме, секогаш му велев ‘кај си Филе’, неговата сестра Кристина која го нарекуваше единствено и најсакано братченце. Тој беше тука секогаш кога беше потребен, со насмевка што можеше да ги разведри сите оние кои во дадениот момент беа тажни. Беше син кој ни ја даваше најголемата гордост, со својата добрина, посветеност и љубов. Беше душа која знаеше не само да ги слушне другите, но и да ги разбере и да им помогне“, ни рече Стевановски.
Во пишувањето на монографијата му помогнале сопругата Снежана, ќерката, сопругата на Филип, Ирена Крстевска-Стевановска, нејзината сестра Маја Крстевска-Коларова, братучедот на Филип, Илија Волчески и сите оние кои беа составен дел од животот на музичарот, негови соработници, колеги и другари.
Филип Стевановски, кој беше и директор на Центарот за култура во Штип, почнал да свири пијано во нижото музичко училиште во Куманово на 7 години. Средно музичко училиште завршил во Скопје, на инструментот тромбон, во класата на професорот Ташко Тодоров. Стевановски дипломирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на отсекот класичен и џез тромбон во класата на познатиот тромбонист Кирил Рибарски, со што станал првиот дипломиран џез тромбонист. Магистрираал на џез студии кај истиот професор и станал прв магистер по џез студии во историјата на Универзитетот. Имал свој бенд „Филип Стевановски бенд“ во кој пеела неговата сопруга Ирена Крстевска-Стевановска.
„Во исто време беше пијанист на популарната македонска група ДНК, како и тромбонист во светскиот џез-состав на Владимир Четкар. Филип компонираше музика за филм. Тој ја напиша музиката за краткометражниот филм „Црно и бело“, а има компонирано и песни за фестивалот Макфест и доби награда Гран при за песна чиј аранжман го направи за фестивалот Еврофест. Како пијанист ја придружуваше култната српска група „Ван Гог“ на нивната концетна турнеја низ Македонија. Има уште многу настапи, турнеи кои е тешко во еден натпис да бидат опфатени. Во своето музичко творештво има издадено 7 џез-албуми“, вели неговиот татко.

Филиш Стевановски дипломирал на Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип на отсекот класичен и џез тромбон во класата на познатиот тромбонист Кирил Рибарски, со што станал првиот дипломиран џез тромбонист (Фото: Приватна архива)
Стевановски е автор на книгата „Основни методи за свирење тромбон“ која излегла во 2012, на македонски и на англиски јазик која се користи како учебник во средните училишта и на факултет. Рабоотел и како професор во средното музичко училиште во Штип, доцент при Унивверзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, бил директор на детскиот фестивал „Весело штурче“, уметнички директор на Џез фествалот во Куманово, шеф на оркестарот на фестивалот Макфест, член на жири-комисијата на светската Асоцијација на фестивали за џез и поп-музика.
Маријан Стевановски претходно работел на МИТ универзитетот во Скопје како професор и декан на Факултетот за информатички технологии, декан на Факултетот за менаџмент, проректор за настава и ректор на Универзитетот.
Досега има издадено 21 книга со научно-стручна литература од областа на економијата, математиката, информатиката и информационите системи, вештачката интелегенција, една монографија и една збирка хаику поезија, а има напишано и над 80 научни трудови кои се објавени во повеќе меѓународни списанија.
„Од 1992 почнав да се занимавам со трчање на маратони, планинарски треил маратони, планинско искачување и високогорство. Досега имам учествувано во над 20 маратони и полумаратони како и во над 70 планинарски трки, од кои што најголемата е во должина од 65 километри. Како планинар се имам искачено на над 250 планински врвови како во земјата така и во странство. Како џез музичар бев член на неколку џез-групи. Последните 8 години сум претседател на Институтот за наука, уметност, култура и спорт и организатор на Џез фестивалот во Куманово“, вели Стевановски кој последните планинарски тури ги посвети на загинатите во пожарот во Кочани.
М. ЏАРОВСКА