Поетската збирка „Во куќата“ од Николина Андова-Шопова ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата (СВП) за најдобра поетска книга објавена меѓу две фестивалски изданија.
„Сакам да се заблагодарам на сите оние поети пред мене, оние кои ја носеле поезијата како тивок товар и како радост. Некои од нив се добитници на оваа награда и беа и останаа мои први и трајни поетски училишта. Но, тука сакам да ги спомнам и оние поети кои, ете, во текот на животот не добиле место во големите литературни признанија, но добиле место во нашите внатрешни простори, со по еден стих барем, кој променил нешто во нас, во нашата насока на мисла и на дејствување. Дел од овие песни настанаа во периоди на осаменост и на тишина. И сакам да верувам дека преку овие стихови заеднички ќе ја споделиме таа тишина“, кажа Андова-Шопова на денешната прес-конференција во Струга.
Во образложението, комисијата за доделување на наградата оцени дека „Во куќата“ е мала, но исклучително внимателно компонирана поетска книга, која низ два циклуса и завршна песна гради суптилен и зрел поетски свет. Според комисијата, првиот циклус ја следи потрагата по цврсто засолниште и го прикажува немирот и фрагментираноста на современиот човек, додека вториот циклус ја открива внатрешната целовитост преку сеќавањето и врската со претците.
„Станува збор за вонредно талентиран поетски испис на сериозен и зрел автор. Тоа е поезија која остава траен впечаток со особеноста на авторското поетско писмо“, вели комисијата.
На годинашниот конкурс пристигнале 37 ракописи од 35 современи македонски автори. Во потесниот избор, покрај наградената книга, влегоа и „Меко трње“ од Марија Ангеловска, „Длабок простор“ од Зоран Анчевски, „Првата ноќ и вториот рај“ од Сузана В. Спасовска и „Болна земја“ од Братислав Ташковски.
С. ВРЕНЦОВСКА



