ПОГРЕБОТ НА МЕТО ЈОВАНОВСКИ ЌЕ БИДЕ НА 20 НОЕМВРИ, КОМЕМОРАЦИЈАТА Е НА 21 НОЕМВРИ ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР

    ПОГРЕБОТ НА МЕТО ЈОВАНОВСКИ ЌЕ БИДЕ НА 20 НОЕМВРИ, КОМЕМОРАЦИЈАТА Е НА 21 НОЕМВРИ ВО СКОПСКИ ДРАМСКИ ТЕАТАР„Мето замина во легендите само дваесет дена откако на 26 октомври бравурозно ја изигра својата последна претстава на ‘Моето име е Горан Стефановски’“, велат од неговата матична куќа, Драмски. (Фото: Драмски театар)

    Погребот на  Мето Јовановски, еден од доајените на македонското глумиште кој почина вчера, ќе биде на 20 ноември (понеделник), а комеморацијата во вторник, 21 ноември, соопшти неговата матична куќа Драмски театар од Скопјe. Глумецот со врвна кариера во македонскиот театар и филм почина на 77 години.

    Посмртните останки на Јовановски ќе бидат изложени во капелата на гробиштата Бутел в понеделник во 11 часот. Комеморацијата  ќе се одржи во вторник во 11 часот на големата сцена на  Драмски театар.

    Јовановски беше реномиран глумец и на бившите југословенски простори, каде културната јавност, негови колеги актери и режисери, му оддаваат последна почит по веста за неговата смрт.

    Јовановски во 1971 завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнува како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

    Играше во над 60 филмски и телевизиски дела. Неговите незаборавни улоги се во филмовите – „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.

    За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“.

    „Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Мето Јовановски целиот работен стаж го помина како член на ансамблот на Драмски театар Скопје. Од дипломирањето во 1971 година кога застана на сцената на Драмски со претставата ‘Што виде собарот’, во себе ја носеше истата жар за професијата. Мето замина во легендите само дваесет дена откако на 26 октомври бравурозно ја изигра својата последна претстава на ‘Моето име е Горан Стефановски’ “, велат од неговата матична куќа, Драмски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира