Зградата на Централната пошта во Скопје ќе биде реновирана и ќе има намена за мултифункционален комплекс кој ќе биде подготвен и за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата 2028, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021 се најде на листата 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата на најзагрозени споменици ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка. Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе за зачувување.
„Ние веќе разговаравме со претходниот евроамбасадор Дејвид Гир , 7-8 години имало тенденција Министерството за култура да ја преземе и тоа да стане некаков друг комплекс и да има друга намена. Потоа разговаравме и со министерот за транспорт и врски Александар Николоски и донесовме одлука на Влада дека ќе биде реновирана. Формирана е работната група и треба да почне да работи. Сочинета е претставници од европските комисии и од Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура“, одговори Љутков на новинарско прашање по посетата на Националната опера и балет (НОБ).
САКАМДАКАЖАМ.МК лани во јули објави дека европските тела ги повикуваат македонските институции да конкурираат за грант за почеток на процесот. Но, и тогаш рекоа дека апликација за грант сѐ уште не е стигната.
На 8 август тогашниот евроамбасадор Гир се сретна со вицепремиерот Николоски и со претставници на Министерството за култура и разговараа за реставрација на централната зграда на Македонска пошта во центарот на Скопје.
„Негрижата за културното наследство доведе до овој степен да објектите кои ни се од културолошка и архитектонска важност да останат незаштитени. Тоа нема да го толерираме. Денешната средба со евроамбасадорот Гир беше токму во таа насока, оштетениот објект на централната зграда на Пошта да го реставрираме и да го заштитиме како објект кој има културна вредност во историјата на Македонија. Тоа нема да е ниту лесен потфат, ниту евтин проект. Напротив, ќе треба да се вложи многу енергија, време и пред сѐ стручно знаење како и сериозни средства. Но, централниот објект на Пошта е од огромно историско и културно значење за Македонија како еден од најзначајните објекти од времето на брутализмот и мора да биде заштитен во својата основна форма и ставен во функција”, рече Николоски по средбата.
Гир со години често апелираше до македонските политичари и институции да не дозволат да пропадне зградата на Централната пошта во Скопје.
Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
Дел од овој историски комплекс е и Телекомуникацискиот центар, но претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски објектот во кој е сместен МЕПСО го преоблече со барокна фасада. Тоа беше во рамките на озлогласениот проект „Скопје 2014“ за кој тогашната власт потроши над 700 милиони евра.
Во ноември 2023, Европската куќа во Скопје го одбележа 4. роденден со настан и изложба во зградата на Поштата.
„Денес стоиме овде во Пошта, веројатно најзначајниот пример на бруталистичка уметност, естетика што го обликуваше постземјотресниот архитектонски идентитет на Скопје. Да се потсетиме на културното наследство што треба да се заштити и негува. Денес, Пошта сè уште нема покрив и сѐ поголем е ризикот повеќе да не се користи и да се распадне. Сепак, Пошта, да ги употребиме зборовите на Сартр, не прифаќа пораз! Ниту ние. Решивме да го одбележиме четвртиот роденден на Европска куќа во Скопје токму тука. На Денот на ослободувањето на Скопје“, рече амбасадорот Гир, потсетувајќи ги гостите на листата на Европа Ностра и Европската инвестициска банка.
На 4. роденден на Европска куќа говореше и тогашната министерка за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која не искоментира ништо за неговите забелешки, туку се заблагодари на амбасадорот Гир и кажа дека „Оваа значајна пригода, на Европска куќа од културен карактер успеа да ги зближи историјата и иднината, со креативноста на студентите по архитектура“.
Б. НЕСТОРОСКА