ПОВЕЌЕ УМЕТНИЦИ, ПОМАЛКУ ПОЛИТИЧАРИ НА ОФИЦИЈАЛНОТО ОТВОРАЊЕ НА НОВАТА ФИЛХАРМОНИЈА

    ПОВЕЌЕ УМЕТНИЦИ, ПОМАЛКУ ПОЛИТИЧАРИ НА ОФИЦИЈАЛНОТО ОТВОРАЊЕ НА НОВАТА ФИЛХАРМОНИЈАПијанистот Дино Имери ги заслужи овациите и отсвири два биса, по изведбата на еден од најпопуларните и најизискувачки концерти за пијано и оркестар од Чајковски, бр. 1. (Фото: М. Златевска)

    Со искрени и долги аплаузи и овации, публиката синоќа ја поздрави Македонската филхармонија на првиот официјален концерт во новата сала, насловен „Нов почеток“.

    Новата сала беше промовирана на 21 мај, од тогашнат власта на ВМРО-ДПМНЕ, со концертот на Филхармонијата, пијанистот Симон Трпчески и светски познатиот диригент Владимир Ашкенази, но тогаш салата беше пуштена без технички прием. Техничката дозвола стигна вчера претпладнето, пред закажаното свечено отворање со пијанистот Дино Имери и диригентот Борјан Цанев.

    Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов (Фото: М. Златевска)

    За разлика од отворањето во мај, кога голем број од публиката беа политичари, вчерашниот концерт помина во топла и празнична атмосфера со помалку политичари, а повеќе музичари, уметници, професори, со видлива радост и кај гостите и кај музичарите.

    В.д. директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески кусо ја поздрави публиката и се извини за краткото доцнење, поради преносот на концертот во живо на Македонската радио-телевизија.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски со семејството (Фото: М. Златевска)

    Дваесет и седум годишниот Имери, со растечка кариера, ги заслужи овациите и отсвири два биса, по изведбата на еден од најпопуларните и најизискувачки концерти за пијано и оркестар од Чајковски, бр. 1.
    Концерт-мајсторот на Филхармонијата, Анна Кондратенко вели дека овој концерт на Чајковски, во нејзината родна земја, Русија, се свири за време на свадби.

    „Затоа овој концерт го гледам како метафора, дека ние музичарите конечно се омаживме/оженивме со нашата сала“, вели Кондратенко.

    Во вториот дел оркестарот ги свиреше „Римски фонтани“ од Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел оп.28“ од Рихард Штраус.

    Следниот концерт на Филхармонијата е на 2 ноември, со сопранот Ана Дурловски и диригентот Емил Табаков (Бугарија), а насловен е „Симфонија на тажни песни“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира