ПРЕМИЕРА НА „ЧОВЕК ПЕРНИЦА“ ВО РЕЖИЈА НА СПАСИЌ В САБОТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    ПРЕМИЕРА НА „ЧОВЕК ПЕРНИЦА“ ВО РЕЖИЈА НА СПАСИЌ В САБОТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРАнастасија Аневска, Соња Стамболџиоска, Златко Митрески, режисерот Јане Спасиќ, Дамјан Цветановски и Филип Трајковиќ на денешната прес-конференција во Драмски театар (Фото: МИА)

    Режисерот Јане Спасиќ во Драмски театар ја постави претставата „Човек перница“, по текст на Мартин Мекдона, чија премиера е закажана на 4 мај, на малата сцена од 20 часот. Спасиќ, кој има работено претстави за независната продукција „Артопија“ и во Театарот за деца и младинци, а има снимено и неколку кратки филмови, вели дека „Човек перница“ е еден од најинтересните и најкомплексни текстови на Мекдона во кои секогаш има одлични актерски улоги, како и одличен тек на настаните.

    Режисерот вели дека претставата жанровски е трилер, т. е. трагикомедија со примеси на комедија, а приказната е за писател и неговиот брат, кои се приведени и почнува да се истражува убиството на неколку деца и поврзаноста на приказните на писателот со начинот на кој се убиени тие деца.

    „Претставата се занимава со тоа како поединецот ги толкува различните наративи, како ги разбира и како ги толкува врз база на тоа што му се случува во животот. Семејното насилство што го има во текстот е еден инструмент и двигател на приказната и на наративот. Тоа се замки што се поставени да ја држат публиката заинтересирана. Претставата нуди ’добро возење’, добра забава преку која се отвораат тие приказни и биографии на сите ликови и нивните болки. Секој од нас и публиката ќе има различно толкување за претставата“, рече Спасиќ.

    Играат Зоран Љутков, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Соња Стамболџиоска, Симона Димковска, Дамјан Цветановски и децата Анастасија Аневска и Михаил Стојановски. Сценографијата е на Марко Јанев, костимите на Ирина Тошева, музиката на Дарија Андовска. На преводот на текстот работеле Горјан Милошевски и Спасиќ.  Следните изведби се закажани на 11, 17 и на 22 мај.

    Директорката на Драмски Викторија Рангелова-Петровска вели дека ова е нивна прва премиера за годинава, и е слика за тоа во кои насоки ќе се движи Театарот.

    „Наш фокус се современите европски драмски текстови, и планираме во годината да им дадеме шанса барем на еден или двајца млади режисери. Да им дадеме шанса и на други автори, а не да биде како последниве години, само две-три имиња да работат во Драмски“, вели Рангелова-Петровска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира