ПРЕМИЕРА НА ДУОДРАМАТА „ЗА НАС ПОЧНУВА ЖИВОТ“ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ

    ПРЕМИЕРА НА ДУОДРАМАТА „ЗА НАС ПОЧНУВА ЖИВОТ“ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕГлавните улоги ги играат: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Нино Леви. (Фото: Драмски театар)

    „За нас почнува живот“ во режија на Дејан Пројковски е новата претстава на Драмски театар во Скопје, која премиерно се игра вечерва во 20 часот на Малата сцена. Оригиналниот наслов на драмскиот текст е „Прав“ на Ѓерѓ Шпиро, еден од најпознатите современи унгарски писатели. Играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Нино Леви.

    Режисерот вели дека претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози кои нѐ потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото.

    „Оваа претстава е бурно трагикомично патување низ душата на малиот човек. Претставата е смешна бидејќи таков е животот, но претставата е и тажна бидејќи како што знаеме таков е животот. Претставата не се занимава со општите и глобалните планетарни теми.  ‘За нас почнува живот’ е претстава за човекот, за оној мал човек што го сретнуваме на улица секој ден, што работи со нас , што ни е роднина, за оној мал човек што го гледаме секое утро во огледалото“, вели Пројковски.

    Костимите се на Марија Папучевска, музиката на Горан Трајковски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, преводот е на Маја Бражанска, а изработката на плакат и видео е на Стојан Стојановски.

    Репризата е утревечер.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира