ПРЕМИЕРА НА „ЛЕПА АНГЕЛИНА“ НА ЉУПЧО ЃОРГИЕВСКИ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

    ПРЕМИЕРА НА „ЛЕПА АНГЕЛИНА“ НА ЉУПЧО ЃОРГИЕВСКИ ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР„Лепа Ангелина“ е втора премиера на Велешкиот театар годинава. (Фото: Велешки театар)

    Претставата „Лепа Ангелина“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, премиерно ќе се изведе вечерва во Велешкиот театар. Претставата е работена во текст на Благоја Ристевски-Платнар, а во адаптација на Ѓоргиевски.

    Ова е втора изведба на текстот на „Лепа Ангелина“ на сцената на македонските театри, по таа на МНТ од октомври 1995 кога беше поставена од Владимир Милчин.

    Болен Дојчин го толкува Жарко Спасовски, а Лепа Ангелина е Талија Настова.

    „Лепа Ангелина ќе проба да го спаси овој виртуелен свет во кој живееме, барем во тие 80 минути додека трае претставата. Се надеваме дека публиката позитивно ќе ја прими претставата, ќе ѝ го доловиме чувствата, емоции кои ги нуди претставата. Ликовите на Лепа Ангелина и Болен Дојчин, се полни со чувства, борба, желба, со многу љубов и тоа братска и сестринска“, кажа Настова.

    Режисерот Ѓоргиевски по вторпат се навраќа на дело на Платнар, по „Летни Силјане“. Вели дека претставата го обработува митот за болен Дојчин.

    „Претставата е обид да ја измие неправедно фрлената кал врз лицето на лепа Ангелина“, вели Ѓоргиевски, кому ова му е четврто гостување во Велешкиот театар.

    „Лепа Ангелина“ е втора премиера на Велешкиот театар годинава. Музиката во живо на сцената ја изведуваат Сашко Костов и Орхидеја Дукова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира