Со премиерната изведба на операта „Норма“ од Винченцо Белини (20 часот), утре се отвора јубилејното 50. издание на Мајските оперски вечери, што ќе трае до 31 мај. Претходно, фестивалскиот оган ќе го запали оперската примадона Милка Ефтимова.
Во насловната улога во „Норма“ ќе биде Благица Поп Томова, а ќе пеат и Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Иван Томашев (Србија), Марика Поповиќ и Дејан Стоев. Во екипата се и тројца Италијанци: Енрико Довико (диригент), Ренато Бонајуто (режисер) и Флавио Арбети (сценограф и костимограф). Коавторка на костимите е Марија Пупучевска.
Втората изведба ќе биде на 11 мај.
Во фестивалската програма се и балетот „Госпоѓиците од Авињон“ (14 мај), операта „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети (18 мај), балетот „Жизел“ од Адолф Адам (21 мај), операта „Турандот“ од Џакомо Пучини (26 мај), а на затворањето на 31 мај традиционално ќе се изведе „Аида“ од Џузепе Верди.
Во рамките на фестивалот ќе биде промовирана монографијата „50 години Мајски оперски вечери“ од Александар Трајковски.