ПРЕМИЕРИ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ И ПОСЛЕДНИОТ ФИЛМ НА БИЛЈАНА ГАРВАНЛИЕВА НА 10. МАКЕДОКС

    ПРЕМИЕРИ НА „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ И ПОСЛЕДНИОТ ФИЛМ НА БИЛЈАНА ГАРВАНЛИЕВА НА 10. МАКЕДОКСМотото на фестивалот е „Десет лета МакеДокс“, a ќе се прикажат седумдесет документарни филмови на автори од цел свет. - Од изминатите изданија на МакеДокс (Фото: Фејсбук)

    Седумдесет документарни филмови на автори од цел свет ќе се прикажат на јубилејниот 10. Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс, кој ќе се одржува од 21 до 28 август во Куршумли ан, кината Милениум и Фросина.

    Мотото на фестивалот е „Десет лета МакеДокс“, ќе отвори со „И сѐ стана песна“ (Ирска/Велика Британија) на Шејмус Марфи, а ќе се затвори со македонската премиера на наградуваниот документарец „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

    Земја во фокус е Германија, и ќе бидат прикажани осум германски креативни документарци создадени во последниве 20 години. Главна тема на фестивалот е копродукцијата, како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците.

    „На десеттото издание на МакеДокс ќе имаме и десет македонски документарци, меѓу кои и последниот филм на прерарно починатата режисерка Билјана Гарванлиева, ‘Тетовски самрак’, кој го доврши нејзиниот сопруг Мануел Цимер. Проекција ќе има и ‘Манаки – приказна во слики’ на Роберт Јанкулоски“, рече на денешната прес-конференција Петрула Вељановска од фестивалот.

    Селекторката на МакеДокс, Петра Селишкар рече дека за фестивалските награди „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи ќе одлучуваат пет комисии составени од 15 еминиентни странски и домашни автори.
    Билетите можат да се набават онлајн на Купикартизасѐ и на влезот на Куршумли ан. Фестивалскиот билет кој ги опфаќа сите програми и настани чини 1.600 денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира