Националната опера и балет (НОБ) на својата официјална интернет-страница објави дека годинава ѝ е одобрен буџет од 31.000.000 денари (над 500.000 евра) од Министерството за култура, од кои 10. 7 милиони денари (над 160 илјади евра) се наменети за четири премиери. Во НОБ годинава ќе има по две балетски и оперски премиери. Најголема сума има за оперската премиера „Набуко“ (3.5 милиони денари или над 55.000 евра) со која ќе се отворат годинашните Мајски оперски вечери.
За балетската премиера „Бајадера“ ќе се потрошат 3,2 милиони денари (над 50.000 евра), за премиерата на операта „Лилјакот“ 2,5 милиони денари (40.000 евра), а за премиерата на балетот „Пепелашка“ 1,5 милиони денари (25.000 евра). Четириесет и осмото издание на Мајските оперски вечери е поддржано со 6 милиони денари (97.000 евра).
Најголемата институција од областа на музичката и сценско-уметничка дејност во земјава е една од ретките национални институции кои јавно ги објавија поддржаните проекти од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година.
Министерството за култура на 14 февруари ги објави резултатите од Годишниот конкурс, а во објавените резулти ги нема националните институции од сите дејности на културата, како музеите, театарите, Филхармонијата, НОБ.
Од кабинетот на министерот Хусни Исмаили тогаш изјавија дека националните установи се должни да ги објават нивните поддржани проекти на своите официјални интернет-страници согласно Законот за култура.
- НАЦИОНАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА СИ ГИ ОБЈАВАТ ПОДДРЖАНИТЕ ПРОЕКТИ НА СВОИТЕ ИНТЕРНЕТ-СТРАНИЦИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА
- СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ И ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ ГОДИНАВА ЌЕ ДОБИЈАТ ПОДДРШКА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГИ ОБЈАВИ РЕЗУЛТАТИТЕ ОД КОНКУРСОТ ЗА ПРОЕКТИ ОД ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС
Б. НЕСТОРОСКА