ПРИКАЗНИ ЗА НАПУШТЕНИ РОДИТЕЛИ, ЗА ЉУБОВ И НАСИЛСТВО ВО СОЛУН

    ПРИКАЗНИ ЗА НАПУШТЕНИ РОДИТЕЛИ, ЗА ЉУБОВ И НАСИЛСТВО ВО СОЛУНПубликата е една од најголемите вредности на Солунскиот фестивал. (Фото: ТИФФ)

    (Од Солун: Марина КОСТОВА)

    Кога на сончев есенски ден во град на море во 13.30 часот има полна киносала за дебитантски филм, тоа е најсигурен знак дека филмскиот фестивал е нераскинлив дел од културниот идентитет на градот. Градот е Солун со 63. издание на филмскиот фестивал, во чија главна конкуренција за наградата Златен Александар годинава се десет дебија или втори филмови на авторите, а публиката е една од неговите најголеми вредности.

    Главен фаворит за Златен Александар е „План 75“, дебито на јапонската режисерка Чије Хајакава, кој е и годинашен јапонски кандидат за Оскар.  (Фото: ТИФФ)

    Досега е прикажана повеќе од половина селекција, а главен фаворит за наградата е „План 75“, дебито на јапонската режисерка Чије Хајакава, кој е и годинашен јапонски кандидат за Оскар. Приказната, за фиктивен план на јапонската влада на постарите од 75 години да им понуди план за евтаназија, како да е ехо на славниот „Баладата за Нарајама“ на Шохеи Имамура од 1983. Во Нарајама, во едно село кое едвај се прехранува има древен обичај – кога родителот ќе наполни 70 години, неговите деца го оставаат в зима на планината Нарајама да почине. „План 75“ е сатира во која Хајакава го смислува планот и сета инфрастукура што ќе го реализира – од службеници кои примаат апликации, резорти кои прават ескурзии за клиентите кои може да видат какви услови се нудат за евтаназија, хотлајн службеници кои телефонски се дружат со оние кои решиле да влезат во планот и чија задача е да ги охрабрат да не се предомислат. Главниот лик во оваа приказна за смртта, за тагата и осаменоста на третото доба е една 78-годиша жена која нема семејство, ни постојани приходи, која во битката за дневно преживување ќе се осети отфрлена и од луѓето и од системот и ќе избере евтаназија. Хајакава е прилично несентиментална во предочување на очигледниот факт – секој од старите луѓе кој живее сам, заборавен од децата и блиските, е всушност оставен на својата Нарајама.

    Во селекцијата се издвојува и „Имам електрични соништа“, дебито на костариканската режисерка Валентина Маурел, приказна за семејно насилство раскажана колоритно и речиси документарно низ турбулентната и комплексна врка на 16-годишна тинејџерка со татко ѝ.

    „Имам електрични соништа“, дебито на костариканската режисерка Валентина Маурел. (Фото: ТИФФ)

    Најголемо внимание досега привлече гостувањето на режисерот Фатих Акин, кој во Солун го претстави својот нов, и според многумина, најхит филм „Рајнско злато“, биографска приказана животот на раперот Гивар Хаџаби, кој стана масовно популарен и продолжи да снима иако беше в затвор за грабеж на воз со злато.

    Фатих Акин во Солун го претстави својот нов, и според многумина, најхит филм „Рајнско злато“. (Фото: ТИФФ)

    „Овој филм беше голем предизвик за мене. За време на снимањето го изгубив татко ми и ова беше само една од пречките што се појавија. Емилио Сакраја, главниот глумец на филмот, глуми вистински лик, човек чиј живот е вистински филмски, бидејќи е трагичен, комичен, насилен, но и многу нежен и длабоко човечки. Ова е оној кој ја инспирираше оваа приказна, Џивар Хаџаби“ рече Акин на премиерата во Солун на која беше и Хаџаби.

    Хаџаби кажа дека додека сè уште бил во затвор, многу продукциски куќи му се јавиле со понуда да снимат филм за неговиот живот.

    „Седум години подоцна, кога излегов од затвор, разговарав со мојот адвокат и го замолив да најде некој кој ќе го преземе мојот биографски проект. Кога Фатих Акин, чиј голем обожавател сум, се заинтересира за овој проект, не можев да верувам. Она што излезе е проект на кој и мајка ми е многу горда“, рече Хаџави.

    Македонската режисерка Теона Стругар Митевска, чиј филм „Најсреќниот човек на светот“ ќе игра во програмата Балкански преглед, е и во жирито на една од двете други селекции за награди, Филмско забрзување.

    Во селекцијата грчки филмови е и „Зад стоговите сено“ на Асимина Проедру, грчко-македонска копродукција чии македонски копродуценти се Сектор филм и Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

    В петок се очекува и главната ѕвезда на фестивалот, француската актерка Шарлот Гејнзбург, чиј најнов филм „Патници во ноќта“ на Микаел Херс ќе игра во програмата Отворени хоризонти.

    Солунскиот фестивал затвора в недела со свеченото доделување на наградите и со „Корсаж“ на австриската режисерка Мари Кројцер.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира