ПРОДУЦЕНТОТ НА „МОНТИ ПАЈТОН“ ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА 18. ИЗДАНИЕ НА СИНЕДЕЈС

    ПРОДУЦЕНТОТ НА „МОНТИ ПАЈТОН“ ЌЕ ДОБИЕ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА 18. ИЗДАНИЕ НА СИНЕДЕЈСФестивалот се отвора на 7 ноември со премиерата на „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски (Фото: Њу момент)

    Продуцентот и менаџер на легендарната британска хумористична група „Монти Пајтон“, Стив Абот, ќе прими награда за животно дело на Меѓународниот фестивал на европски филм Синедејс, што ќе се одржува од 7 до 15 ноември.

    Тоа ќе се случи во рамките на посебен настан на 18. Синедејс, насловен „Оф Синедејс“, со кој фестивалот се приклучува на одбележувањето на 50-годишнината од појавувањето на „Монти Пајтон“. Притоа ќе бидат прикажани пет филмски остварувања на групата, а Абот ќе одржи мастерклас за поширока публика.

    Фестивалот се отвора со премиерата на „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски, а во рамките на ГАЛА програмата ќе можат да се погледнат новите филмови на Вуди Ален („Дождлив ден во Њујорк“), Педро Алмодовар („Болка и слава“), Роман Полански („Офицер и шпион“), Џим Џармуш („Мртвиот не умира“), Бонг Јон-Хо („Паразит“), Хироказу Коре-Еда („Вистина“) и многу други.

    Во рамките на музичките документарни филмови ќе има премиера на Небеска тема”, посветен на животот и кариерата на Влада Дивљан, проследено со концерт на групата Звук улице“ и со изложбата „Влада“.

    Премиерно ќе бидат прикажани и документарните филмови „Ќеиф“ на Блаже Дулев и „Стакло“ на Нина Маџирова, посветен на нејзиниот покоен татко, музичарот Зоран Маџиров.

    И на 18. издание на Синедејс ќе има селекција на македонски кратки филмови и програма за најмладите со бесплатни проекции на детски филмови, а во програмата МК во ЕУ ќе бидат прикажани најновите европски филмови во кои што учествувале и македонски продукциски куќи.

    Проекциите ќе се одвиваат во кината Милениум и Фросина. Цените на билетите се 150 денари за ГАЛА програмата и 100 денари за Официјалната селекција, програмата СинеБалкан, музичките документарни филмови и за МК во ЕУ програмата. Останатите проекции се бесплатни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира