Проектите од национален интерес од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност и интердисциплинарните проекти за 2020 ќе бидат исплатени од Министерството за култура, одлучи денеска Владата.
Ова следи откако минатата недела, Министерството за култура најави дека ќе достави предлог за разрешување на ситуацијата со исплата на пари за корисниците во културата, откако Владата на 9 февруари ја задолжи да не ги исплаќа финансиските средства на други корисници без да ја утврди законската основаност.
Исплатата на проектите од културата за 2020 година беше стопирана на 9 февруари, со одлука на Владата и тогаш го задолжи Министерството за култура да викне Финансиска инспекција. Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. Ирена Стефоска е министерка за култура од 31 август.
Согласно денешната одлука, Министерството за култура треба да уплати 29.519.658,00 денари за проекти од областа на фолклорот, музичката и музичко-сценската дејност и интердисциплинарните проекти и тоа на оние корисници кои согласно извршената контрола и проверка имаат доставено комплетна документација и доказ за реализиран проект.
Министерството во законски уредена постапка и по спроведен инспекциски надзор од Секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството ќе ги раскине договорите со оние корисници кои согласно извршената контрола и проверка немаат доставено комплетна документација и доказ за реализиран проект и ќе бара враќање на уплатените средства.
„Во рок од пет дена од денот на усвојувањето на оваа информација, Министерството за култура ќе ги информира: Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупција и Управата за финансиска полиција со цел, согласно своите надлежности утврдени со Закон, да извршат контрола на работењето на Министерството за култура“, додаваат од кабинетот на министерката Ирена Стефоска.
Министерството за култура, во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во вкупен износ од 70.776.722,00 денари, односно над 1 милион евра. Министерството за култура спроведе внатрешна ревизија. Наодите од ревизијата, Министерството по службена должност ги испрати до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Финансовата полиција и до Државната комиисја за спречување на корупцијата (ДКСК).
Стефоска во ноември кажа дека исплатата на проектите во културата е забавена затоа што внатрешна ревизија во Министерството за култура испитувала зошто во јуни и јули се склучувале анекси на договори за зголемување на сумите во одредени дејности и се прифаќале проекти по жалба кои претходно биле одбиени.
„Свесни сме дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната. Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека Буџетот за 2020 длабоко стапнал на ‘чергата’ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се потпишувале анексите“, рече тогаш министерката, додавајќи дека штом дошла на функцијата, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.
Б. НЕСТОРОСКА