ПРОЕКТОТ НА БАКАЛЧЕВ И ХАЏИ ПУЉА ОДИ НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ НА АРХИТЕКТУРА

    ПРОЕКТОТ НА БАКАЛЧЕВ И ХАЏИ ПУЉА ОДИ НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ НА АРХИТЕКТУРАВенециското биенале за архитектура  ќе се одржи во Џардини, во Арсенале, и на различни локации низ Венеција.

    Проектот на авторите: Минас Бакалчев, Митко Хаџи Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски, е национален претставник на 18. Биенале на архитектурата во Венеција во 2023 , што ќе се одржи од 20 мај до 26 ноември.

    Како што соопшти Министерството за култура, станува збор за проектот насловен „Лабораторија од минатото за иднината: Приказни за Летната школа за архитектура во манастирот Свети Јоаким Осоговски, 1992 – 2017“ и е единствен доставен проект на објавениот Конкурс.

    Апликацијата е доставена од Здружението за истражување на градот „Градот убав Скопје“, а комесар е Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).

    Според образложението на Комисијата, станува збор за проект кој е професионално конципиран и аргументиран со лесно читлива архитектонска порака и ги одразува квалитативните параметри дадени во Конкурсот. Реализацијата на проектот, пак, нуди можност за интеракција и можност посетителот одблизу да го осознае проектот, а во исто време да е дел од него.

    Во деталното образложение за проектот, како што истакнуваат авторите, стои дека препознавањето на лабораторијата, односно работилницата во дејствувањето на Летната школа за архитектура во манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ 1992 – 2017 година, низ годините успеала да ги прошири границите на архитектурата во теоретска и практична смисла.

    Венециското биенале за архитектура  ќе се одржи во Џардини, во Арсенале, и на различни локации низ Венеција. Темата е „Лабораторијата на иднината“, а кураторка е Лесли Локо – реномиран архитект, академик, едукатор и романсиер,  која во најавата за оваа светски реномирана манифестација нагласува дека „архитектите имаат единствена можност да изнесат амбициозни и креативни идеи кои ни помагаат да замислиме заедничка поправедна и оптимистичка иднина“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира