ПРОМОЦИЈА НА ЗБОРНИКОТ „АРХИВИ НА НЕВИДЛИВИТЕ“ СО ТЕКСТОВИ ЗА ПРВОТО ЖЕНСКО СПИСАНИЕ „МАКЕДОНКА“

    ПРОМОЦИЈА НА ЗБОРНИКОТ „АРХИВИ НА НЕВИДЛИВИТЕ“ СО ТЕКСТОВИ ЗА ПРВОТО ЖЕНСКО СПИСАНИЕ „МАКЕДОНКА“Зборникот содржи специфични и продлабочени наоди за периодот додека се печатело женското списание „Македонка“. (Фото: ЦИНИК)

    Утре во 19 часот во Музејот на Македонија ќе има промоција на вториот зборник научни текстови  „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), артикулации на сеќавања и критички прикази“, чиј главен истражувачки фокус е првото женско списание  „Македонка“. Зборникот содржи специфични и продлабочени наоди за периодот додека се печател овој весник. Автори на текстовите се: Ана Колариќ, Петар Тодоров, Ана Ашталковска Гајтаноска, Славчо Димитров, Христина Иваноска и Елени Новаковска. Уредничка на публикацијата е Јана Коцевска, а промоторка ќе биде Ана Василева.

    Промоцијата ја организира Центарот за истражување на национализмот и културата ЦИНИК, во чест на одбележувањето на 80-годишниот јубилеј од формирањето на масовната женска организација Антифашистички фронт на жените (АФЖ) во Македонија.

    В недела, во 13 часот во Музејот на Македонија ќе има тркалезна маса конципирана од Ивана Хаџиевска, Андријана Папиќ и Јана Коцевска, на тема: „АФЖ: Недовршена револуција – сеќавање на минатото, замислување на иднината“.

    „Тркалезната маса има за цел да собере експерт(к)и, со искуство од областа на женската историја, односно феминистичкиот активизам, кои низ отворена дискусија ќе ги артикулираат прашањата поврзани со политиките на сеќавање/заборав, третманот на антифашистичките идеи и историски искуства во современиот контекст, женската историја во јавниот простор и значењата на комплексното наследство на АФЖ. Дискусијата ќе ја модерира Ана Василева. Тркалезната маса е простор отворен за претставнци/чки од научните, образовните институции, како и од граѓанската сфера и медиумите, а тие ќе имаат можност да се надоврзат на дискусијата.

    Од 12 до 14 декември во Скопје се организираат повеќе настани за одбележување на јубилејот, а скопската канцеларија на Фондацијата „Фридрих Еберт“ во соработка со Регионалната феминистичка антифашистичка мрежа (ФАМа) синоќа организираше настан со експертки и активистки од регионот заради заедничко одбележување на наследството и влијанието на АФЖ. Говореа учесничките од регионот од Феминистичката антифашистичка мрежа ФАМа Аида Колидер Агиќ (БиХ), Каролина Леаковиќ (Хрватска), Вера Клопчиќ (Словенија) Аида Коровиќ (Србија) и Санела Шкријељ од Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира