„РАЃАЊЕТО НА ЗБОРОТ“ ОД ШОПОВ ЗА МЕНЕ Е ХИМНА НА РАЃАЊЕТО НА КРЕАТИВНАТА МИСЛА, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР НОШПАЛ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ ВО НОБ

    „РАЃАЊЕТО НА ЗБОРОТ“ ОД ШОПОВ ЗА МЕНЕ Е ХИМНА НА РАЃАЊЕТО НА КРЕАТИВНАТА МИСЛА, ВЕЛИ АЛЕКСАНДАР НОШПАЛ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ ВО НОБНошпал е идеен творец на балетскиот триптих „Молитви за моето тело“, чија премиера е закажана на 20 декември. (Фото: НОБ)

    Литературата и уметноста, а посебно поезијата, претставуваат еден голем дел од мојот живот и се неизоставен сегмент од моето делување како уметник, креативец и дизајнер, вели Александар Ношпал, костимограф и моден дизајнер со европска кариера, кој е идеен творец на балетскиот триптих „Молитви за моето тело“. Премиерата на овој мултимедијален проект во Националната опера и балет (НОБ), инспириран од истоимениот циклус поезија на Ацо Шопов, а во чест на 100-годишнината од неговото раѓање, е закажана за 20 декември, точно на неговиот роденден. Истакнатиот македонски поет, револуционер и општественик е роден во 1923, а почина во 1982. Македонија цела година со повеќе настани го одбележува јубилејот.

    Проектот се работи повеќе од една година, а деновиве влегува во завршните подготовки пред премиерата. Ношпал за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека проектот се појавил како резултат на една сосема обична, но креативна идеја во времето на изолација поради ковид-19.

    „Тоа беше период кога многумина од нас уметниците, во недостиг на активна работа, почнавме да сонуваме и да твориме во нашата имагинација. Плод на таа мисла беше и овој проект, кој се постави виртуелно и генерално како план, и уметнички и продукциски, но се чекаше вистинскиот момент да се реализира. Во комуникација со ќерката на нашиот поет, Јасмина Шопова, од која ги добивме авторските права за користење на името, заклучивме дека е навистина прекрасен момент да ја преточиме поезијата на Шопов во балетска претстава, преку движење на тела и музика. Да се спојат зборот, музиката и телото. Комплетно соодветно и во с’ржта на темата на овој циклус. Вистинскиот момент дојде и е токму оваа година, во која ја славиме 100-годишнината од раѓањето на Шопов, па во директна комуникација со НОБ, која со отворени раце прифати продукциски да го реализира проектот, го пријавивме за официјалната годишна програма на оваа реномирана институција, со која соработувам постојано веќе 25 години“, ни рече Ношпал.

    Дел од сценографијата и костимографијата. (Фото: А. Ношпал)

    Според него, овој циклус на поезија „Молитви на моето тело“ е најемотивната, најдлабока, најсветла, а воедно и најтемна поезија во нашата литература. Не е случајно, вели, што таа се појавува за првпат во збирката на Шопов „Небиднина“, која сама по себе обработува многу длабоки, метафизички и емоционални прашања, кои авторот ги доживува и во постреволуционерниот период на градењето на нашата држава.

    Револуцијата е помината, вели Ношпал, победата извојувана и конечно, многумина наши познати литературни дејци, после еуфоријата, се соочуваат со емоцијата и реалноста, со прашањата со кои се соочува секој човек, уметник, филозоф во време на мир: животот, смртта, целта на постоењето, љубовта, и индивидуалноста. Токму во овој циклус, смета, можеме најсуштински да го видиме интимното превирање на Шопов, а воедно и денес, после толку години, да се пронајдеме и дури да се поистоветиме.

    „Циклусот е составен од 11 молитви на телото, а не за телото, кои ја вклучуваат и извонредната нулта поема ‘Раѓањето на зборот’, во која Шопов многу чувствително го објаснува почетокот на јавувањето на една мисла и креација на еден уметник. И секој уметник, читајќи ја оваа поема, сигурно ќе се пронајде. ‘Раѓањето на зборот’, според мене, е химна посветена на раѓањето на една креативна мисла, која не секогаш е лесна да се објасни или разбере, но води кон едно ново, интимно и вонвременско доживување и искуство“, рече кореографот.

    Неговата идеја да се направи балетски триптих (балет со три едночинки) со тројца македонски кореографи и тројца македонски композитори се развила со помош на професионалната поддршка на раководниот тим на НОБ.

    „Резултатот е сложен проект кој на крајот вклучува 15 извонредни авторски имиња од различни области, кои секој во својот сегмент ја збогатија оваа продукција“, додава тој.

    Автори на кореографиите се Ивана Коцевска, Адријана Данчевска и Саша Евтимова, а истите ги одбраа своите музички соработници, автори на музиката: Дарја Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски. Драматургијата ја потпишува Соња Здравкова-Џепароска, сценографијата е на Михајло Стојановски, видеодизајнот и проекциите се на Флоријан Чанга, графиката и визуелниот идентитет го изработи Лазе Трипков. Работеа и Доријан Миловановиќ (филм), Јакуп Јакуп, Нино Митевски и Перо Марачков (дизајн на светло), а посебен гостин е нашиот познат актер Никола Ристановски, кој, вели Ношпал, „зборот го изговори на свој автентичен начин и успеа да го претвори сам по себе во музика“.

    Костимите се дело на Ношпал, а негова асистентка е младата Ангела Богеска, за која вели дека е многу талентирана. За големиот ансамбл на НОБ вели дека „несебично и целосно е предаден на успешната реализација на проектот“.

    Плакатот за претставата (Фото: НОБ)

    „Морам да напоменам дека покрај големиот креативен потенцијал на овие автори, за почит е и големиот ентузијазам, кој процесот го прави уште повозбудлив и незаборавен. Во моментов се работи со полна пареа, влегуваме во финалната фаза и за неколку дена излегуваме и на големата сцена. Возбудата расте. Костимографијата за овој проект беше едно прекрасно искуство, пред сѐ, бидејќи е креирана за три различни кореографски ракописи и техники. Костимите се надоврзуваат на главните суштински топоси кои ги обработуваат ‘Молитвите’, а воедно се адаптирани и според стилот на кореографските елементи и стилови. Како главен мотив се земени трите главни теми на претставата: Раѓањето, Испреплетувањето и Вознесот, односно бесконечноста. Во разговор со драматургот и со кореографите решивме да ги обоиме овие три теми во посебни три тона, односно бои: земјено-сина, огнено-црвена и величествено-виолетова, кои заедно со различните форми на облеката ќе најават три различни стадиуми и емотивни превирања. Накратко кажано, еден сплет од три различни и современи видувања на овој прекрасен циклус поезија“, појаснува Ношпал.

    Во најавата стои дека „проектот ги соедини поетската реч на Шопов со современиот мултимедијален јазик кој е близок до генералниот тренд на светската балетска продукција“. Ношпал вели дека проектот е збир на уметнички размислувања во различни изразни сфери: збор, слика, светло, музика, танц, движење, облека, филм, она што денес сѐ почесто го гледаме на големите, но и на независните сцени на светскиот танцов театар и балет.

    Проектот е замислен да биде лесно одржлив сам по себе, лесно адаптибилен за гостување на која било сцена во светот, а и да ги презентира македонските уметност и литература со своите современост и актуелност.

    „Моја голема желба е овој проект да го види светот, а воедно да биде почеток на едно ново поглавје во македонските танцова и балетска уметност со своите естетика, рафинираност, актуелност и, пред сѐ, млада публика“, кажа Ношпал.

    Со овој балетски триптих се затвора циклусот настани кои беа најавени од УНЕСКО за 2023, која на почетокот на годинава во Париз на светско ниво беше прогласена како година на Ацо Шопов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира