„РАКАТА НА ГОСПОД“ ОД СОРЕНТИНО ГО ОТВОРА 43. „БРАЌА МАНАКИ“, МЕЃУ ГОСТИТЕ И КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА „ГЛАДИЈАТОР“, ПОЛ МЕТИСОН

    „РАКАТА НА ГОСПОД“ ОД СОРЕНТИНО ГО ОТВОРА 43. „БРАЌА МАНАКИ“, МЕЃУ ГОСТИТЕ И КИНЕМАТОГРАФЕРОТ НА „ГЛАДИЈАТОР“, ПОЛ МЕТИСОНДиректорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, со селекторите на програмите (Фото: СДК.МК)

    „Раката на господ“ на Паоло Сорентино ќе го отвори 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, што ќе се одржува од 20 до 27 август. По тој повод, во Битола ќе пристигне кинематограферката на филмот Дарија Д‘Антонио, а покрај неа и добитникот на Златната камера 300 за животно дело, Ентони Дод Ментл, најавено е и гостувањето на британскиот снимател Џон Метисон, номиниран за Оскар за „Гладијатор“ и „Фантомот од операта“.

    Во четирите натпреварувачки програми ќе се прикажат вкупно 54 филма, од кои 14 во главната, 12 во кратката, 10 во документарната и 18 во студентската.

    Во главната програма доминираат наслови од Канскиот фестивал, меѓу кои е и годинашниот победник „Триаголник на тагата“, а само третпат досега се вклучени и два домашни филма, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски. Освен што ќе има македонска премиера во Битола, „Снежана на крајот умира“ ја доби честа и да го затвори фестивалот.

    „Ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Баскет“ на Димитар Банов ќе бидат македонските претставници во селекцијата на краткометражни филмови.

    „Ги имаме сите предуслови за добар фестивал. Имаме неверојатно добра понуда на филмови и ни се доделени доволно пари за да обезбедиме сè што треба“, кажа директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, не сакајќи да ги открие имињата на сите гости.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира