„Ристе беше човек со големо срце и со искрена потреба да биде тука за другите“, рече оперскиот пејач Маријан Николовски на комеморацијата за колегата, баритонот Ристе Велков, кој со својот син и двајца негови другари загинаа во сообраќајка на обиколницата во Скопје на 21 мај.
Комеморацијата во Операта започна со изведбата на „Хорот на Евреите“, најпознатиот хорски дел од операта „Набуко“. Во чест на колета, ја испеа дел од хорот на Националната опера и балет со кој диригираше маестра Јасмина Ѓорѓеска.
Николовски се расплака додека зборуваше за неговиот долгогодишен другар и кажа дека Велков ги сакал луѓето, разговорите и дружењата, а најмногу ја сакал својата професија и сцената.

Комеморацијата во Операта започна со изведбата на „Хорот на Евреите“, најпознатиот хорски дел од операта „Набуко“. (Фото: К. Попов)
„Операта беше неговиот живот, неговата страст и неговата мисија. Кога не беше ангажиран, тоа навистина го погодуваше, затоа што не ја доживуваше само како работа, туку како дел од себе“, рече Николовски.
„За мене, тој не беше само колега и оперски пејач. Беше многу повеќе од тоа. Беше мој вистински другар, човек на место, пријател за кој знаев дека можам да му се јавам во било кое време, дури и по полноќ. Знаев дека ако ми е потребно, ќе дојде. Таквите луѓе се ретки, и токму затоа се незаборавни. Никогаш, ама баш никогаш, не ме одбил кога ми требаше помош. Напротив, тој самиот се нудеше и инсистираше да помогне, дури и се лутеше ако не му дозволиш. Таков беше Ристе,човек со големо срце и со искрена потреба да биде тука за другите. Беше човек со силен карактер, но и со брза реакција. Знаеше понекогаш да донесе избрзани заклучоци, но и да стои цврсто зад своите ставови. Во таквите моменти, сум го советувал да застане, да размисли уште еднаш. И кога разговорот беше искрен и другарски, кога тој тоа ќе го почувствуваше, знаеше да прифати совет. Иако имавме несогласување со денови, па и месеци, па понекогаш и по година се случило да не зборуваме, секогаш на крај се враќавме еден кон друг. Затоа што нашето пријателство беше вистинско. Се баравме, се слушавме, се расправавме понекогаш за ситници, но никогаш не престанавме да бидеме другари“, додаде Николовски низ солзи.
За својот пријател, тој кажа дека со особена љубов зборувал за неговата пасија-автомобилите и оти со детска возбуда му нудел да го испроба новиот автомобил што го купил.
„Ме викаше Мане, затоа што така ме викаше неговата ќерка кога беше мала. Јас секогаш го одбивав. И денес кога го нема, тие зборови ми одекнуваат во мислите. Реалноста, тивко и болно во душата. Ако ако одеше по друг пат, можеби, ако времето се одложеше барем за миг. Но, животот не дава одговори на тие прашања. Она што останува е болката, се разбира и сеќавањето. Особено е тешко што во истата таа трагедија животот го загуби и неговиот син Адам, заедно со уште двајца негови другари, Петар и Марко“, рече тенорот.
Уметничкиот раководител на Операта Дејан Стоев рече дека додека настапувал, Ристе Велков ја обединувал ја вокалната моќ, психолошката длабочина и актерската убедливост.
„Нема да биде претерано ако кажеме дека на неодамнешната изведба на ‘Набуко’, која на затворањето на овогодинешните Мајски оперски вечери, му ја посветивме токму нему, и преку секој отпеан тон многу јасно се чувствуваше неголата присутност. Во неговиот творечки импулс неодминливо треба да се споменат и настапите кои тој ги оствари надвор од границите на нашата земја, а на кои беше особено горд“, рече Стоев и додаде:
„Помеѓу нив се вбројуваат настапите во ‘Травијата’ во јапонските Токио и Ниигата, како и солистичкиот рецитал во Музеј-куќата на Борис Христов во Софија. Покрај тоа, тој настапуваше во Србија, Романија, Турција, а зема учество и на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации, како што се Охридско лето, Скопско лето, Штипско лето, Денови на македонската музика, Есенски музички свечености, Интерфест и други.
На видеобим се прикажаа снимки и слики од оперите во кои настапувал Велков (Фото: К. Попов)Тој оствари низа улоги како што се Маркулуло, Сигисмонд, Огнен, Кристијано, Маркиз де Бињи, Амонасро, Шонар и Гроф Луна. Ние, неговите колеги со кои ја делеше сцената, но и воопшто уметничкиот живот, составен од постепени борби, премрежја, докажувања, но и успеси и признанија, изгубивме почитуван колега и добар пријател“, рече Стоев.
М. ЏАРОВСКА




