САКАВ ДА ЈА ОТКРИЈАМ МАЈКА ТЕРЕЗА КАКО ОБИЧНА ЖЕНА, РЕЧЕ ТЕОНА МИТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „МАЈКА“ ВО ВЕНЕЦИЈА

    САКАВ ДА ЈА ОТКРИЈАМ МАЈКА ТЕРЕЗА КАКО ОБИЧНА ЖЕНА, РЕЧЕ ТЕОНА МИТЕВСКА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА „МАЈКА“ ВО ВЕНЕЦИЈАЗа мене, да се биде светица е во корелација со преземање акција и правење храбри дела, рече Теона Митевска; - Со Номи Рапасе на прес-коференцијата во Венеција пред денешната светска премиера на „Мајка“. (Фото: Венециски фестивал)

    „Мајка“ на режисерката Теона Стругар Митевска вечерва ќе ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“ на 82. издание на Венецискиот филмски фестивал, а на 29 август документарецот „Силјан“ на Тамара Котевска ќе игра прикаже вон конкуренција во програмата за документарци.

    „Мајка“, првиот филм на Митевска на англиски јазик, по сценарио нејзино и на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ, е инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија. Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хокс сестра Агнешка.

    „Бев пленета да го откријам овој лик кој е поголем од животот, а да ја откријам како обичен човек, како жена како ти или јас. Тоа е убаво оти покажува дека секој од нас има сила да ги промени нештата и да придонесе на човештвото. За мене, да се биде светица е во корелација со преземање акција и правење храбри дела“, рече Теона Митевска на прес-коференцијата во Венеција пред денешната светска премиера на „Мајка“.

    Екипата на „Мајка“ пред прес-конферемцијата во Венеција. (Фото: Венециски фестивал)

    Последниве години се демистифицира ликот на Мајка Тереза и се откриваат и мрачни страни од нејзината јавна личност. Познат е и фактот дека таа била противничка на абортусот, па на прашањето како го третирале ова во филмот, Митевска рече:

    „Кога ја откривав Мајка Тереза, како современа жена бев шокирана од нејзиниот став за абортусот. Како жена, сметам дека правото сама да решавам за моето е тело е свето право исто како човековото право да јаде, пие, се образува, да се лекува. Вметнувањето на абортусот во филмскава приказна беше обид да ја разберам низ временска перспектива – таа била калуѓерка во институција која живеела пред 90 години. Со ова почнуваме дискусија – 90 подоцна, ние сме кралеви и кралици на нашите тела и далеку сме понапред од она што било пред 100 години. Но живееме во опасно време, кога ова право сè повеќе се доведува во прашање. Ајде да зборуваме за тоа, оти тоа е право што не смееме да го изгубиме“.

    Никола Ристановски ја игра улогата на отец Фредерик, кој бил исповедник и близок пријател на Мајка Тереза. (Венецсики фестивал)

    Номи Рапас, која се прослави со улогата на Лизбет Саландер во „Девојката со тетоважа на змеј“, кажа дека во ликот на Мајка Тереза се обидела да ги истражи мрачните темни страни на личноста, но исто така и да го нагласи фактот колку било бунтовнички од неа како жена во тоа време да почне преписка со Ватикан и упорно да бара свој ред за да им помага на немашните и немоќните.

    „Ја изградив како човек со слабости, но никој не е совршен, а таа создаде нешто неверојатно“, рече Рапас и додаде: „Ова е лик што ние сме го создале, не мора да е вистинската Мајка Тереза. Година и пол работевме со Теона и одев сè подлабоко, и на првиот снимачки ден решив да ја пуштам Тереза да преземе контрола и на крај не знаев дали сум она или јас. Имав одлична соработка со Теона и со Силвија“.

    Никола Ристановски ја игра улогата на отец Фредерик, кој бил исповедник и близок пријател на Мајка Тереза.

    „Ниедна позиција на светот не исклучува емоција, да сум отец не би се лишил од емоција. Емоцијата е основа на било каква емпатија. Не само емпатија која е полна со наши емоции или емоционални разбирања, туку емпатија која е когнитивна. Многу ми е важно да раскажувам приказни во коишто верувам. И круцијално важно е да бидам еден катализатор на сите овие човечки и женски дилеми“, рече Ристановски.

    Теона Митевска рече дека некои од дијалозите во филмот се директни транскрипции на интервјуата што ги водела со последните 4 живи сестри и сведоци на нејзиниот лик додека пред 15 години во Калкута го снимаше документарецoт „Тереза ​​и јас“ .

    Сестра ѝ, продуцентката Лабина Митевска, рече дека кога почнале да го работат документарецот, таа цела година преговарала и ги убедувала настојниците на редот на Мајка Тереза да се отворат за интервјуа, особено затоа што живи биле само 4 сестри кои директно работеле со неа.

    Теона Митевска е потписничка на писмото на иницијативата Венеција за Палестина, која ќе има протестен марш на фестивалот на 30 август. На прашањето дали ќе присуствува на маршот, Митевска рече:

    „За жал, јас пред тоа ќе си заминам од фестивалот. Но, знам што би сторила Мајка Тереза – би била таму под оган за да ги решава работите. Живееме во  чуден свет, со толку многу насилство, заробеници сме  на капитализам и егоизам. Што бидна со делување и давање? Ајде сите да почеме да делуваме и да даваме“, рече таа и затропа на масата.

    Според синопсисот цитиран во „Холивуд рипортер“, приказната се одвива во Калкута, Индија, во август 1948, следејќи ја Тереза, игуманија на манастирот на Сестрите од Лорето, во текот на седум клучни дена за неа. „Таа нетрпеливо чека писмо што конечно ќе ѝ дозволи да го напушти својот манастир и да создаде нов ред како одговор на повикот што го добила од Бога. И токму кога сè изгледа подготвено, таа се соочува со дилема што ги предизвикува нејзините сопствени амбиции и вера во големата пресвртница во нејзиниот живот на 37 години“.

    „Мајка“ ќе има вкупно 10 проекции проекции, на 27 и 28 август. „Силјан“, третиот документарец на Котевска која има 2 номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“, ќе има вкупно 4 проекции, по две на 29 август и на 30 август.

    „Мајка“ е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија со 37 милиони денари (околу 600.000 евра) на Конкурсот во прв рок за 2023. Поддршка има и од Креативна Европа МЕДИА, Данскиот филмски институт, „Белџиум такс шелтер“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за повраток на данок.

    Директорка на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишна соработничка на Митевска. Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев.

    Ова е трет пат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (во Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ во 2023.

    Првпат два македонски филма имаа премиера во Венеција во 2023, кога „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски играше во Хоризонти, а документарецот „21 ден до крајот на светот“ на Митевска во програмата Денови на авторите (или Венециски денови).

    Единствен македонски автор кој го освоил престижниот Златен лав е Милчо Манчевски, во 1994 со „Пред дождот“, а во 2001 неговиот филм „Прашина“ го отвори Венецискиот фестивал.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира