СЕ ОТКАЖУВА ОФФ-ФЕСТ ПОРАДИ СКРАТЕНИТЕ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА

    СЕ ОТКАЖУВА ОФФ-ФЕСТ ПОРАДИ СКРАТЕНИТЕ ПАРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРАЗа 21. издание на еден од најпосетуваните и квалитетни настани во земјава доби 16.500 евра. (Фото: Офф-фест)

    Годинава нема да се одржи Офф-фест, соопшти организаторот Скопски џез фестивал (СЏФ), револтирани од доделените пари од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата од Министерството за култура. За 22. издание на еден од најпосетуваните и најквалитетни настани во земјава доби 1 милион и 20 илјади денари (16.500 евра). Според СЏФ, парите се скратени за половина од минатогодишната сума и не овозможуваат ни најминимални финансиски услови за одржување на Офф-фест (предвиден од 7 до 10 јуни) како (повеќедневен) фестивал.

    „За жал, по 21-годишна убава фестивалска традиција, не ни останува друг избор. Немаме намера да поднесуваме жалба до второстепената комисија и да се изложуваме на натамошни понижувања, кои и со поддршката често ги имавме со Министерството за култура во изминатите години. Лани, на пример, вложивме жалба на 1 март, Офф-фест се одржа на почетокот на јуни, а одговор на жалбата (се разбира негативен) добивме на 19 септември. Ние знаеме дека на овој конкурс имаме приложено исклучително квалитетни апликации и дека средствата што биле на располагање во оваа дејност не биле намалени во споредба со минатата година“, се вели во реакцијата на СЏФ.

    Додаваат дека немаат намера да ја коментираат Годишната програма, која ја донесе министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, ниту пак да се впуштаат во некакви споредбени анализи. Тоа е наполно бесмислено, велат,  „сè додека квантитетот на одобрените проекти е замена за оценката што е, а што не е, национален интерес во културата, според критериуми и квалитет, со конечно напуштање на популизмот и антиевропските политики во културата, присутни во Годишната програма“.

    „На Офф-фест му останува пријатната обврска да го реализира, заедно со уште 11 еминентни европски фестивали, четиригодишниот проект ‘Звуците на Европа’, поддржан од Европската Унија (преку програмата ‘Креативна Европа’). Овој проект, меѓу другото, ќе им овозможи гостување на македонските музичари на бројни европски сцени“, велат од Скопскиот џез фестивал.

    Министерката за култура на 10 февруари ги објави резултатите од Конкурсот за годишната програма во културата за 2023. Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира