„Сестри“, дебито на режисерката Дина Дума од 16 декември (четврток) ќе игра во скопското кино Милениум. „Сестри“ е македонски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм за 2022, и според правилата на Академијата за подвижни слики, уметност и наука, националниот кандидат за Оскар треба да има кинопремиера во периодот од 1 јануари до 31 декември 2021.
Светската премиера беше во август на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде освои Специјална награда на жирито во програмата Источно од Западот. Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување, а македонската фестивалска премиера беше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот не се препорачува за лица под 16 години.
Американската Академија објави дека 94. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 27 март 2022, во Лос Анџелес. Прелиминарната листа од 15 финалисти за номинација за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм ќе биде објавена на 21 декември, од кои на 8 февруари 2022 ќе се изберат 5 номинирани.
Во главните улоги во „Сестри“ се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Во продукција на „Лист продукција“, продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев-Новоградска.
Дума го сними филмот во 2019, на урбани локации низ Скопје. „Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово.
Б. НЕСТОРОСКА