ШЕСТ РЕЖИСЕРКИ ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТНА ПАЛМА ВО КАН

    ШЕСТ РЕЖИСЕРКИ ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТНА ПАЛМА ВО КАНДиректорот Тјери Фремо и претседателката Изабел Ноблок ја објавија селекцијата на 78. Кански филмски фестивал на прес-конференција. (Фото: АП)

    Шест режисерки – Жулија Дукурно, Хајакама Чие, Хафсија Херзи, Кели Рајхард, Маша Шлински и Карла Симон – и ветерани како Вес Андерсон, Ричард Линклејтер, браќата Дарден, Џафар Панахи се во трката за престижната Златна палма на 78. издание на Канскиот филмски фестивал од 13 до 24 мај. Фестивалот отвора со „Замини еден ден“, дебито на режисерката Амели Бонин што ќе игра вон конкуренција.

    Филмската индустрија внимателно го следи фестивалот исполнет со гламур, каде што главните кандидати за награда честопати ги земаат Оскарите. Добитникот на Златната палма од 2024, „Анора“, освои пет Оскари, меѓу кои и за најдобар филм, а успех имаа и „Емилија Перез“ и „Супстанција“.

    Годинава во конкуренцијата за Златна палма се 19 автори, меѓу кои и Андерсон со „Феникиската шема“, како и француската режисерка Жулија Дукурно која победи во 2021, Ричард Линклејтер со „Нов бран“, Јоаким Трир со „Сентиментална вредност“ во кој пак игра Ренате Ренсве, и етаблираните браќа Дарден од Белгија со „Млади мајки“. Една година по неговиот филм за рускиот писател и поет Едуард Лимонов, рускиот режисер Кирил Серебреников се враќа со филм за озлогласениот нацистички лекар Јозеф Менгеле, а наградуваниот ирански режисер Џафар Панахи е во трката со „Едноставна несреќа“. Хорор мајсторот Ари Астер за првпат е во Кан со „Едингтон“, рефлексија на состојбата на САД, додека Кели Рајхард, позната по „Првата крава“, доаѓа со  „Мозокот“, филм за грабеж во кој глуми Џош О’Конор.

    Вон конкуренција фестивалот носи многу холивудска акција со враќањето на Том Круз, кој ќе го претстави „Невозможна мисија – конечна пресметка“, осмото, а можеби и последно продолжение на акциониот серијал „Невозможна мисија“ пред светската премиера на 23 мај. Холивудската икона Роберт де Ниро ќе ја добие почесната Златна палма за животно дело, а фронтменот на „Ју-Ту“ Боно доаѓа како режисер со документарецот „Приказни за предавање“.

    Британскиот актер Харис Дикинсон, кој лани се прослави покрај Никол Кидман во „Малечка“, дебитира како режисер во паралелната програма Извесен оглед со „Детиште“, како и американската актерка Скарлет Јохансон со „Елеонора Велика“. Осум од 16-те филма во оваа конкуренција се дебија.

    Француската актерка и оскаровка Жилиет Бинош ќе биде на чело на овогодинешното жири кое ќе ја додели главната награда Златната палма.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира