„СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА ИГРА ВО КИНО ВО СКОПЈЕ, ВЕЛЕС И ШТИП

    „СКЕЈТАЊЕТО НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ НА ДИНА ДУМА ИГРА ВО КИНО ВО СКОПЈЕ, ВЕЛЕС И ШТИППремиерата во Скопје помина со топол прием од публиката, а се поклони голема екипа која работела на филмот. (Фото: СДК.МК)

    Вториот филм на режисерката Дина  Дума, „Скејтањето не е за девојчиња“ од 8 октомври игра во скопското кино Синеплекс и во кината на Киноверзум во Велес и во Штип. Премиерата во Скопје помина со топол прием од публиката, а се поклони голема екипа која работела на филмот. Дума рече дека ѝ е секогаш најважно како ќе помине филмот во Скопје и се заблагодари на Шуто Оризари и екипата.

    Филмот ја следи приказната за три генерации жени од скопската ромска населба Шуто Оризари кои се соочуваат со судирот помеѓу традицијата и современите предизвици, раскажана низ перспективата на 12-годишната Адела, која ја игра Ефќар Абаз. Главните улоги ги играт и Џефрина Јашари, Симонида Селимовиќ и Ганимед Абдула. Сценариото е на Дума, во соработка со Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Кинематографер е Фредерик Нуаром.

    Во продукција на „Сестри и брат Митевски“ филмот е копродукција помеѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска. Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм, како и од националните и регионални фондови на Белгија, Словенија и Хрватска и фондовите Еуримаж и Медиа.

    Светската премиера на филмот беше на 4 јуни на фестивалот Трајбека во Њујорк, еден од најзначајните филмски фестивали во Северна Америка каде ја освои наградата „Нора Ефрон“ која се доделува на исклучителна режисерка која го претставува духот и визијата на легендарната режисерка, сценаристка, драматург и новинарка Ефрон. Во август ја доби Специјалната награда за младинска перспектива на Филмскиот фестивал во Сараево.

    Со македонската премиера на филмот, на 19 септември почна 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира