СКОПЈЕ МОЖЕ ДА ЈА ИЗГУБИ ТИТУЛАТА ЕВРОПСКИ ГРАД НА КУЛТУРАТА ОТИ АРСОВСКА НЕ ЈА ПРЕДАВА УНИВЕРЗАЛНА САЛА

    СКОПЈЕ МОЖЕ ДА ЈА ИЗГУБИ ТИТУЛАТА ЕВРОПСКИ ГРАД НА КУЛТУРАТА ОТИ АРСОВСКА НЕ ЈА ПРЕДАВА УНИВЕРЗАЛНА САЛААрсовска и Костадиновска-Стојчевска на 28 септември на Школка. (Фото: К. Попов)

    Во март треба да дојдат експерти од Европска комисија за да видат до каде е реконструкцијата на Универзална сала, која како институција е носител на  проектот Европска престолнина на културата за 2028, а јас не знам што ќе видат, бидејќи градоначалничката Данела Арсовска сѐ уште не ми ја има предадено, а салата е во опасност од распаѓање, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    На 18 септември, Владата конечно ја презеде Универзална сала од Град Скопје бидејќи Арсовска не сакаше да продолжи со реконструкцијата. По една година натегање меѓу неа и Владата, иницијативи на советниците на СДСМ кои не ги гласаа нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ, на седница на Советот со мнозинство гласови сепак беше изгласана одлуката за преземање на концертната сала.

    На 20 септември Европската комисија објави дека Скопје ќе биде европска престолнина на културата.

    „Ден денес немам добиено никаков договор за потпишување за предавање на ингеренциите за Универзална сала кои се префрлени на Министертвото за култура. Откако советниците ја изгласаа одлуката на Советот, со службите во Град Скопје, некогаш по приватен, некогаш по официјален канал се обидуваме да комуницираме. Немавме никаков одговор. Пред два дена, со службите на Министерството седнавме, се договоривме да направиме ние еден договор како би требало да изгледа и да го пратиме. Каков е тој договор за примопредавање, го направија до крајот на денот и ние им го пративме. Сабајле се јавија дека утре на некое техничко ниво ќе има состанок во Град Скопје, од Министерсвото за култура и од Секторот за урбанизам. Се надевам дека ќе има некое поместување“, рече министерката на денешниот брифинг со медиумите.

    Костадиновска-Стојчевска кажа дека уште лани Владата го задолжила Министерството да направи акциски план за Универзална, но вели, не може ништо да направи додека не ја добие документацијата.

    „Дури го немам вистинскиот увид, не можам да направам акциски план, да бидам искрена не можам да знам што ќе ми предадат. Во јуни добив две известувања од Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИС) дека Универзална е во опасност и дека може може да падне. Многу долго е отворена, многу долго време е со скелиња, и ни следи време на зима и мора да се затвори. Јас неколку пати ѝ се јавував на Арсовска и апелирав. На последната заедничка прес -конференција на 28 септември, новинарите ја прашаа кога ќе ја предаде, а таа кажа дека службите ја подготвуваат документацијата“, рече министерката.

    На новинарски прашања дека заедно со Арсовска беа во Брисел и за што разговарале, министерката вели дека постојано добивала уверување оти ќе биде брзо, но до денес нема ништо. Костадиновска-Стојчевска рече дека иако новинарите инсистираат да добијат одговори од Министерството за култура за тоа што ќе се случува во 2028, од Град Скопје ѝ велеле дека сите одговори треба да ги бараат и ќе ги добијат само од Град Скопје.

    Арсовска досега нема одржано прес-конференција за тоа што предвидува титулата Европска престолнина за  култура за 2028.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира