СКРАТЕНИОТ БУЏЕТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГИ ЗАМЕНИ ПРЕМИЕРИТЕ ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР

    СКРАТЕНИОТ БУЏЕТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ГИ ЗАМЕНИ ПРЕМИЕРИТЕ ВО ВЕЛЕШКИОТ ТЕАТАР

    Едни претстави најавени за работа, други ќе се реализираат, е состојбата во Велешкиот театар, откако со годишната програма за култура, Министерството му одобри далеку помалку средства од бараните. Со програмата беа најавени да бидат поставени претставите: „Злосторство на 21. век“ од Едвард Бонд, режија Владимир Милчин, „Вонземјани“ од Родерик Стјуарт во режија на Скот Џонстон и „Арапска ноќ“ од Роналд Шимелфенинг во режија на Александар Ивановски. Наместо нив велешката публика ќе ги гледа „Одам на лов“ по текст на Жорж Фејдо, режија на Дејан Дамјановски и „Слуга на двајца господари“ од Карло Голдони, во режија на Ненад Витанов.

    „Како резултат на добиените средства, двете претстави кои останаа ‘Вонзејмани’ и ‘Арапска ноќ’,  ги заменуваме со други проекти. ‘Арапска ноќ’ доби 500 илјади денари, а за истиот текст и автор во друг театар добија еден милион денари. Не знам кои се критериумите. Планиравме да создадеме силна визуелна претстава и затоа беше потпишан преддоговор со сценограф од Чешка, кој работи во Полска и Германија и е меѓу најдобрите сценографи во Европа. Со 500 илјади денари тоа не се добива“, кажа Александар Ивановски в. д. директор на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

    За реализација на трите претстави тие од Министерството за култура добија 2,5 милиони денари наместо бараните 4,4 милиони.
    „Ние како театар бевме најмногу осакатени со буџетски средства. Министерството не ни дозволува да растеме, ниту да ги изведуваме претставите така како што сме ги замислиле. Добивме буџет за три претстави, колку што доби една национална установа за една претстава. Тоа го доживувам како изолација, туркање во трет ред, во провинцијален театар“, додаде Ивановски.

    И премиерата на „Злосторство на 21. век“ на Милчин се одигра со откажувања од страна на учесниците. Таа беше најавена дека премиерно ќе се изведе на 21 април, но од театарот се повлекоа, со образложение дека не ги добиле средствата од Министерството па премиерата беше на 16 мај.

    „За да можеме да ја реализираме претставата направивме големи резови, споредбено со парите што ги пушти Министерството. Тоа што ја направивме ‘Злосторство на 21. век’ со скратен буџет е гест кој говори колку ни е важен театарот, потоа дека не сакаме да креваме раце од тоа што ни значи. Најмногу од сѐ ги скративме хонорарите, бидејќи тие не се најважни да се направи нешто“, изјави пред премиерата режисерот Милчин.

    Од сопствени средства на театарот, оваа година велешката публика виде две премиери „Свадбата“ на Софија Ристевска и детската претстава „Црвенкапа“ во режија на Дамјановски.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира