СЛАВАМ 60 ГОДИНИ КАРИЕРА СО ПРЕТСТАВА ЗА ЉУБОВ КОН ТАТКОВИНАТА, НО НЕ ВАКВА ПОДЕЛЕНА, ВЕЛИ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    СЛАВАМ 60 ГОДИНИ КАРИЕРА СО ПРЕТСТАВА ЗА ЉУБОВ КОН ТАТКОВИНАТА, НО НЕ ВАКВА ПОДЕЛЕНА, ВЕЛИ КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРДимитровска, Вујисиќ, Ангеловски, Лукаревски, Кондовска, Вељковиќ-Пановска и Манасковски на денешниот прес во Драмски. (Фото: СДК.МК)

    Режисерот Коле Ангеловски слави 60 години активна уметничка кариера, со нова претстава, по негов текст, „Птица со глава меѓу нозе“. Премиерата е закажана на 10 ноември во 20 часот во Драмски театар.

    Директорката на театарот Катарина Коцевска-Хаџи Василева, на денешната прес-конференција кажа дека премиерата ѝ ја посветуваат на колешката Сабина Ајрула-Тозија, која почина на 10 август на 75 години.

    Ајрула-Тозија е една од легендарните актерки на Драмски, а, како што рече директорката, најпрепознатлива беше по улогата на Фатиме, токму од претставата на Ангеловски, „Солунски патрдии“, и затоа сакаат да ѝ оддадат почест, со оглед на тоа дека во август немало услови за комеморација.

    Ангеловски рече дека го пишувал текстот во 2018-19, и вели, како да предвидел некои работи кои се случија и кои сè уште сѐ случуваат.

    „Тоа е една љубовна приказна, љубов кон девојка, кон татковина, но не ваква татковина, поделена на патриоти и предавници. Зборуваме за љубов кон професијата, една носталгична љубов кон професијата, како било, како е, и сето тоа драматуршки ставено во еден интересен заплет. Чудна комедија со среќен крај. Птицата е симбол на слобода. Може да лета каде сака, за неа не постојат граници, не постојат ограничувања, но, ако главата и е меѓу нозе, ќе лета, ама ниско“, рече Ангеловски.

    Играат: Стефан Вујисиќ, Маја Вељковиќ-Пановска, Благој Чоревски, Ѓокица Лукаревски, Марија Кондовска, Анастас Тановски, Калина Наумовска, Благица Димитровска и Симон Манасковски.

    Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Раде Василев, а музиката на Кокан Димушевски.

    Со последните одлуки на Владата, театрите може да примат 50 отсто публика, влезот е со ковид сертификат за примена вакцина или прележана болест.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира