СЛАВНИОТ ПИЈАНИСТ ИВО ПОГОРЕЛИЌ НА 22 АПРИЛ СО КОНЦЕРТ ВО ФИЛХАРМОНИЈА

    СЛАВНИОТ ПИЈАНИСТ ИВО ПОГОРЕЛИЌ НА 22 АПРИЛ СО КОНЦЕРТ ВО ФИЛХАРМОНИЈАПогоролеќ изминативе години имаше концерти на Охридско лето. (Фото: А. Грлиќ)

    Легендарниот хрватски пијанист со светска кариера Иво Погорелиќ (65) на 22 април ќе има концерт во Филхармонијата во Скопје, соопшти Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).

    „Легендарниот пијанист ја обележа класичната музичка сцена на нашето време. Уникатниот музички талент и иновативниот пристап го сместија меѓу најоригиналните музички умови на денешницата. Благодарение на бескомпромисните уметнички критериуми и посветената потрага по идеалот на музичкото изразување, Погорелиќ во повеќе од четири децении музицирање, оствари автентични достигнувања, ценети и од публиката и од критиката, додека неговите концерти ширум светот добија статус на култни настани“, вели СОКОМ.

    Роден е во Белград во 1958, од мајка Србинка и татко Хрват, а по распадот на Југославија, добил хрватско државјанство. Познат по неговите извонредни интерпретации кои му донесоа голем број следбеници, пофалби и критики од музичките експерти, Погорелиќ го привлече вниманието на пошироката музичка јавност во 1980  како лауреат на престижниот 14. Меѓународен натпревар за пијано во Монтреал, каде во финалето се претстави со спектакуларна изведба на третиот Концерт за пијано на Сергеј Прокофјев.

    Истата година, Погорелиќ учествувал и на 10. Меѓународен натпревар по пијано „Фредерик Шопен“ во Варшава, каде од причини кои никогаш не биле целосно обелоденети, бил елиминиран пред последната рунда. Оваа контроверзна и неоснована одлука резултираше со незадоволство кај одредени членови на жирито, кои го напуштија натпреварот во знак на протест, меѓу кои и пијанистката Марта Аргерич, која ја објасни својата одлука за заминување прогласувајќи го Погорелиќ за гениј. Овој настан, како ниеден друг во историјата на музичките натпревари, одекна низ светската музичка јавност, која го сметаше Погорелиќ за вистински победник на овој натпревар.

    Негувајќи го култниот статус на уметникот, во 2006 , „Дојче грамофон“ објави двојно цеде со изведбите на Погорелиќ, насловено „Генијалецот Погорелиќ“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира