СЛИКИТЕ НА ПЕНУШЛИСКИ И ТАШКОВСКИ КОИ СЕ ПРОДАВАА ЗА 60-ТИНА ЕВРА ВО АВСТРАЛИЈА, ОД СКОПЈЕ ГИ КУПИЛ БРИТАНСКИ АДВОКАТ ПО ПАДОТ НА „ПАЛЕР“

    СЛИКИТЕ НА ПЕНУШЛИСКИ И ТАШКОВСКИ КОИ СЕ ПРОДАВАА ЗА 60-ТИНА ЕВРА ВО АВСТРАЛИЈА, ОД СКОПЈЕ ГИ КУПИЛ БРИТАНСКИ АДВОКАТ ПО ПАДОТ НА „ПАЛЕР“Од податоците кои биле објавени во каталогот од аукцијата можело да се види дека станува збор за слики со поголеми димензии, платното на Пенушлиски било со димензија 79 на 129 см. (Фото: СДК.МК)

    Уметничките слики на Илија Пенушлиски и Васко Ташковски, едни од најпознатите македонски сликари кои минатата недела се продадоа за неразумно евтини цени на аукција од мала аукциска куќа од Сиднеј, Австралија, се приватно поседувани слики, вели колекционерот Влатко Милошевски.

    Милошевски, кој е родум од Македонија, а сега живее во Холандија и кој редовно ги следи аукциите на слики насекаде низ светот во потрага по ликовни дела врзани со Македонија или на автори од Македонија,  изминатиот викенд реагираше дека е изненадувачки тоа што почетната цена за продажба биле по околу 100 австралиски долари за една слика или околу 60-тина евра. За колекционерот на слики ваквата ниска цена за овие врвни македонски дела била запрепастувачка.

    Денеска Милошевски објави дека добил информации за сликите од синот на Пенушлиски, Кирил Пенушлиски и од Лара Ташковска. Претходно, тој напиша дека целиот начин на продажба на делата му е сомнителен и имаше повеќе претпоставки, за кои денес вели дека не се точни.

    „После паѓањето на авионот од компанијата ‘Палер’ крај Скопје на 5 март 1993 година, во Скопје пристигнал британски адвокат од осигурителната компанија Лојд (Loyd), пратен од компанијата ‘Фокер’ која го направила авионот. Потвердено е од семејствата на сликарите дека овој Англичанец ги купил точно овие слики на Пенушлиски и Ташковски и ги однел во Британија.
    Како се дојдени до Австралија не е познато, но во секој случај се работи за приватно поседувани и продавани слики. Тоа значи дека моите претпоставки изнесени во текстот не се точни“, пишува денес Милошевски.

    Претходно, тој кажа дека во неговите 25 години колекционерство и ликовно истражување, налетал само на 6 македонски дела кои се продавале на аукција: масло и цртеж на Никола Мартиноски, „икона“ на Кондовски, и по едно дело на Вангел Наумовски, Петар Мазев и Борко Лазески. Што значи, на секои 4 години ќе се појави по една македонска слика.

    „Токму поради ова, бев шокиран од аукцијата што се одржа кај аукционерската куќа ‘Берсби аукции’ близу Сиднеј, Австралија. Имено, во нивниот каталог за оваа продажба истовремено се појавија дури 5 слики, масла на платно, од македонски сликари: две големи платна од Васко Ташковски, кој со право го носи епитетот македонскиот Салвадор Дали, две големи платна од Трајче Јанчевски (1928-2015), сликарот кој имал заеднички изложби со Пикасо, Шагал и Миро, и едно големо платно од Илија Пенушлиски македонскиот њујорчанец кој има уникатен апстрактен стил во цртањето на градски сцени. Но, уште по запрепастувачка ми беше почетната цена во наддавањето: 100 австралиски долари или околу 63 евра по слика!“, рече Милошевски.

    Од податоците кои биле објавени во каталогот од аукцијата можело да се види дека станува збор за слики со поголеми димензии, таа на Ташковски била 80 на 97 см, а додека платното на Пенушлиски било со димензија 79 на 129 см.

    „Овие платна во Македонија вредат неколку илјади евра по платно. Потребен е специјален транспорт до Австралија за се однесат овие слики, овој транспорт исто изнесува неколку илјади евра. Се прашувам, кој е тој претходен сопственик на оваа колекција на слики, кој е толку богат да потроши десетина илјади евра за да ја донесе оваа колекција во Австралија, а е толку галантен да сега буквално ја фрли во ѓубре, нудејќи ја колекцијата на мала и непозната аукциска куќа таму некаде во Австралија, и со тоа почетни цени од 60 евра по слика?“ се прашуваше Милошевски.

    По сè изгледа дека Милошевски му го осуетил обидот на непознатиот купувач, до овие вредни слики да дојде за евтини пари. Тој се вклучил во наддавањето и успеал да ја подигне цената на овие ликовни дела.

    „Кога започна наддавањето, се случи интересна работа. За македонските слики наддаваше само еден купувач, кој ставаше понуди само на македонските слики и на ниедна друга слика. Во таква далечна, мала и непозната аукциска куќа, мала е шансата да се најдат многу купувачи кои се заинтересирани или пак упатени во македонска уметност. Ова е речиси идеално сценарио легално да се отуѓат сликите од државна сопственост и да се купат приватно од некој близок кој имал ‘голема среќа’ да ги начека по багателни цени. Но, морам да кажам дека ова е само моја претпоставка која и не мора да биде точна бидејќи целата таа ситуација ме упатуваше на помисла за вакво сценарио, а можеби причината за продажба на овие слики е сосем друга. Сепак без да навлегувам во сценарија за сопственоста на сликите, започнав и јас да наддавам за да ги подигнам цените на македонските слики, за оној ‘среќникот’ кој наддаваше, да ги плати по барем малку попристојни цени. Веднаш кога виде дека некој друг наддава, а цената на сликите почна да расте, првобитниот купувач се откажа. Пред самиот крај на временскиот рок за наддавање, се појавија други купувачи. Сепак македонските ликовни великани се познати и барани и во Австралија. Крајните цени по кои што се продадоа сликите сепак беа пристојни“, вели Милошевски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира