„Снежана на крајот умира“, дебито на Кристијан Ристески, вечерва го затвора 43. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. Филмот на Ристески, македонско-кипарска копродукција, имаше онлајн светска премиера во јануари годинава на Сламденс во Парк Сити, САД, поради ковид пандемијата.
„Кога се прави филм секогаш е многу долг периодот од иницијалната идеја до премиерата. Тоа се обично четири и повеќе години. Лично верувам во еден став на Пол Томас Андерсон кој вели дека сценаристот не треба да се занимава со темата на почеток, треба да си ја напише приказната, а темата ќе излезе низ процесот сама од себе. Така некако беше случај и во мојот филм, едноставно напишав приказна и сега апостериори, откако се заврши, мислам дека сум направил филм за добрината. Нешто што ми пречи последниве години во нашето општество, а мислам дека тоа е и глобално прашање – заборавивме да бидеме добри со луѓето околу нас, со другите живи суштества, со планетата, дури да бидеме добри со самите себе и за себе. Некако ми се чини дека филмот е за неколку луѓе кои успеваат да останат добри, да се заштитат од оваа морална катастрофа што се случува околу нас и успеале да си направат некаква оаза на добрината, по доста висока цена која ја плаќаат во останатите аспекти на нивниот живот“, рече денеска во Битола режисерот Кристијан Ристески.
Во филмот, животите на еден самотник што уште живее со родителите, лице со Аспергер, вработен во видеоклуб, момче од маркетинг агенција, маалски филозоф и гинеколог се испреплетени во три откачени приказни за љубовта, пријателството и посветеноста, а играат Дениз Абдула, Валентин Костадиновски-Тино и Давид Јанакиев.
„Откако ја видов премиерата на филмот сфатив дека станува збор за комедија. Додека снимавме, Кристијан работеше со нас како да снимаме драма“, рече Валентин Костадиновски-Тино.
Дениз Абдула рече дека нема некоја голема разлика во поглед на работата со режисерите од регионот.
„Во овој филм успеваме да извлечеме посветеност и работа во текот на цело време. Како актери во секоја работа се посветуваме максимално. Сметам дека имаме квалитетни режисери и во областа на филмот сме многу понапред од останатите држави во регионот и тоа е видливо“, рече Абдула.
Ивица Димитријевиќ има искуство од двете страни на камерата и ги сподели впечатоците од снимањето на „Снежана на крајот умира“.
„Не е важно на која страна од камерата се наоѓаш, туку е важно да си ја сфатиш одговорноста на твојата улога. Сите учесници треба да бидат сериозни и одговорни, а тоа беше случај при снимањето овој филм. Уште од самиот почеток кога отидов на кастинг почувствував дека крајниот резултат ќе биде добар. Имавме одлична соработка, а имавме и проби, нешто што не се практикува многу често кај нас и потоа се одеше мазно и лесно. Осумнаесет снимачки денови поминаа без никакви проблеми. Иако сцените во кои јас учествувам се позахтевни, со добра подготовка и добра мисла се постигнува сè“, рече Димитријевиќ,
На актерот Давид Јанакиев ова му е деби во долгометражен филм, толкува лик со нарушување од аутистичен спектар и тој зборуваше за методот на кој успеал да ја долови улогата.
„Уште бев во училиште кога бев информиран дека сум ја добил улогата, не бев свесен, но најпрво се зафатив со психологијата на лицата со нарушување од аутистичен спектар, еден месец читав за тоа, гледав документарни филмови. Сите техники кои ги изучуваме на училиште се исти и потекнуваат од Станиславски, така што сепак сметам дека најважно е што ќе успееш да извлечеш сам од себе“, рече Јанакиев.
Копродуцентот Константинос Никофору од Кипар рече дека ова е единаесетта година како доаѓа „Браќа Манаки“, но прва година е тука со филм.
Директори на фотографија се Димо Попов и Севдије Кастрати. Кастрати кинематограферка и на наградуваната косовско-македонска копродукција „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи.
„Ова беше еден од моите омилени проекти на кои работев, бидејќи беше една мошне емотивна поетична приказна, секако поради тимот и режисерот Кристијан Ристески кој ми е најдобар пријател“, рече Димо Попов, кој во моментов снима во Мумбај, Индија и на прес-конференцијата се вклучи онлајн.
„Севдије ги сними сите ноќни сцени, а Димо дневните сцени, така што мислам дека тие беа идеална комбинација, бидејќи не можеше ниту едниот ниту другиот да го направи цел филм. Стилот го договоривме сите заедно и воопшто не се забележа дека работеле двајца кинематографери. Доследни беа и едниот и другиот во своите делови“, рече Ристески.
Дарко Попов е продуцент на филмот, кој в кино во Скопје ќе почне да игра на крајот на септември.