Под мотото „Танцувајќи на работ“, Танц Фест Скопје вечерва во 20 часот во Дом на Арм го почнува 18. издание со презентаци на дела од млади кореографи во серијата претстави насловена Современи короеграфски идентитети. Вечерва се претставите на Бобан Русески „Општествена критика“, на Русески и Јована Зајкова„Самовили и демони“, „Нека ти текне“ (Go Figure It Out) на Адријана Данчевска, „09190“ на Дејан Битровски, а короеграфско деби на фестивалот ќе има и Филип Петковски со претставата „Популус“.
На фестивалот ќе играат и претставите „Пат до месецот“ на Раде Обрадовиќ од Србија, „Само среќа“ на Томео Вержес од Франција, како и „Интер-Вју“ на Жиган Крајнчик, копродукција на Словенија и Латвија. Ќе биде претставен и Косовскиот балет со претставата „Егзодус“ на кореографот Ено Печи, како и продукцијата на Скопје танцовиот театар „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, која ќе се изведе првпат по успешната премиера на сцената на Националниот театр за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.
Легендарната танцова компанија „Марта Греам“ од Њујорк е годинашниот добитник на наградата Менада за животно дело и врвни остварувања во областа на танцот, што ја доделува Танц фест Скопје. Компанијата ќе настапи за затворање на фестивалот, на 20 април во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ), а наградата ќе ѝ биде доделена на актуелната уметничка директорка на компанијата, Џенет Ајлбер.
„Горда сум што фестивалот на својот 18. роденден успеа да ја донесе оваа извонредна компанија во Скопје, со што нa својата публика ќе ѝ овозможи уникатно задоволство да ги види креациите на Марта Греам создадени во 1937, 1942, 1957 и 1981, како и креациите кои ги создаваат новите кореографи инспирирани од нејзиното творештво“, вели уметничката директорка на Танц фест Скопје, Рисима Рисимкин.
Во рамки на фестивалот ќе бидат промовирани и младите танчари Сара Димовска, Јоана Благадуша, Андреј Димоски, Клара Цветковска, Емилија Милак, Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, кои се школуваат на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“, а кои, од годинава влегуваат во состав на Скопје танцовиот театар 2, како подмладок и нова креативна снага на современата танцова сцена кај нас.
Во рамки на Отворената програма, ќе се одвиваат повеќе активности, меѓу кои е работилницата под наслов „Панорама“ во која млади танчери од кај нас и од Софија, Бугарија, ќе ја изучуваат Греам техниката, што е исклучителна реткост, а потоа ќе настапат на 20 април на сцената на Македонскиот народен театар со делови од оригинална кореографија на Греам.