СО СЛАВИША И ГОРАСТ БЕВМЕ СВЕТА ТРОЈЦА ОД СВЕТА ПЕТКА, МИСЛЕВ ЌЕ ОСТАРИМЕ КАКО ДОСАДНИ СТАРЦИ ШТО СЕ КАРААТ, РЕЧЕ САШКО КОЦЕВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА КАЈЕВСКИ

    СО СЛАВИША И ГОРАСТ БЕВМЕ СВЕТА ТРОЈЦА ОД СВЕТА ПЕТКА, МИСЛЕВ ЌЕ ОСТАРИМЕ КАКО ДОСАДНИ СТАРЦИ ШТО СЕ КАРААТ, РЕЧЕ САШКО КОЦЕВ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА КАЈЕВСКИ„Театарот загуби еден многу голем рефлектор, кој светеше непрекинато. Славиша беше многу силен во својата светлина, толку избувлив, а толку кроток и ранлив“. - Актерите Костадиновска и Коцев на денешната комеморација. (Фото: К. Попов)

    Замина Славиша со кого заедно игравме на сцената, нашиот другар, колега кој постојано зборуваше за театарот, кој за другите не премолче ништо, а за себе премолче многу,  зборуваа денеска со големи емоции на комеморацијата колегите на актерот Славиша Кајевски од Македонскиот народен театар (МНТ) кој почина вчера на 39 години.

    Актерот Сашко Коцев рече дека излегувајќи на сцена, ги видел двете маски на Театарот, насмеаната и тажната. Славиша ги имаше двете маски, рече тој,  и тажното и смешното. Се запознале во 2001 на Факултетот за драмски уметности.

    „Го видов седнат на една скала и веднаш знаев дека таа специфичност, изразот на лицето, на очите, веднаш знаев дека тој човек ќе биде дел од театарскиот живот. И сам се нарекуваше себеси: ‘Брат, јас сум филмски глумец’. Потоа патот го трасиравме заедно, влеговме во МНТ како славната тројка: Славиша, Гораст и Сашко. Убавиот, грдиот и грдиот. Меѓу себе се нарекувавме Света Тројца. Нашата гардероба број 5 ја нарекувавме Света Петка. Пред секоја претстава, секој доаѓаше кај нас да чепне малку од таа неисцрпна енергија, од таа негова специфична духовитост, на моменти саркастична, но вистинска. Кон никого не се штедеше. Ќе ни фали многу. Го гледам животот пред мене и замислував како ќе остариме заедно, ќе седиме тројца задрти старци и уште ќе се расправаме за истите работи. На овие настани обично се зборува колку си бил близок со некого. Но, мислам дека треба и да се каже колку не си бил близок и колку си можел да помогнеш. Не постојат зборови веќе“, рече Коцев.

    „Цаци, ти секогаш ќе бидеш дел од нашите срца. Нема да си дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега“, рече Костадиновска. (Фото: К. Попов)

    Нела Витошевиќ е една од режисерите со која често соработуваше Кајевски, и во нејзината порака, која ја прочита глумицата Драгана Костадиновска, пишува дека Славиша го запознала како убавиот дечко од скопското кафуле „Балет“ со сините очи и обетка на уста.

    „Млад и бескрајно талентиран глумец, кој студира на ФДУ и работи како шанкер во ‘Балет’. Дечко на кој паѓаа сите женски во град, а и на театарската сцена. Дечко кој со сите сетила го живееше театарот и со верба се бореше за неговите вредности. Од Факултет излезе со имиџ на предан и бескомпромисен актер кој блеска со својот талент. Се сеќавам на еден тон разговори до раните утрински часови во кои сме се обидувале да најдеме решение за некоја сцена, да создадеме некој лик, да направиме нешто кое што ќе ни го разбуди адреналинот. Неговата позитивна мисла и спремност да те бодри кога претставата тоне и кога пробата не е добра, таа негова безрезервна поддршка секогаш максимално сум ја ценела и чувствувала. Во овој миг се прашувам дали и јас му пружив истата таа поддршка кога нему му беше потребна. Ова прашање мислам дека уште долго нема да можам да го одговорам.  Ми се чини дека најмногу од сè ќе се сеќавам на неговата широка насмевка и силната мечта да го освојува светот во име на театарот. Светкај од горе пак мој Славиша, а ние ќе играме на сцена за тебе. Ќе фалиш бескрајно многу“, стои во пораката од Витошевиќ, на која плачеше целиот салон во МНТ, полн со актери од повеќе театари, режисери.

    Костадиновска говореше дека Кајевски режисерите го одбираа поради неговата автентичност и исклучителност.

    „Цаци, ти секогаш ќе бидеш дел од нашите срца. Нема да си дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. Иако засекогаш ќе нè боли празнината од твоето отсуство. Ќе ни недостасува твојата безрезервна љубов, поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги на сцената. Ќе те гледаме пак како Фантом во филмот ‘Хомо’, Ики во ‘Црвената соба’, Павел Киров во ‘Последните Македонци’, во ‘Скопје Ремикс’, Малиот во ‘Ова не е американски филм’, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во ‘Превртено’, Момчето со маска во ‘Бал-кан-кан’“, низ солзи говореше неговата колешка.

    Кајевски беше погребан денеска на гробиштата во Ѓорче Петров во Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира