СО ВАКВА ЕКИПА МУ НЕМА КРАЈ НА МЕРАКОТ, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ НА СТАРТОТ НА СНИМАЊЕТО НА „КАЈМАК“

    СО ВАКВА ЕКИПА МУ НЕМА КРАЈ НА МЕРАКОТ, ВЕЛИ МАНЧЕВСКИ НА СТАРТОТ НА СНИМАЊЕТО НА „КАЈМАК“Глумицата Камка Тоциновски игра една од главните улоги. - На денешната прва клапа на „Кајмак“. (Фото: М. Аргакијева)

    „Лето е преубава работа. Жешко лето е уште поубава. Жешко лето кога се снима, најубава. Со ваков супериорен актерски тим и топ екипа му нема крај на меракот“, вели најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, на денешниот старт на снимањето на неговиот седми филм „Кајмак“.

    Снимањето, по негово сценарио, почна во хотелот „Лимак“ во Скопје, а ќе се снима пет недели на локации низ Скопје, во населбите Козле, Автокоманда, Центар, Лисиче.

    Во екипата се вклучени и филмски работници од Данска, Англија, Италија и Србија;  – Манчевски со данскиот кинематографер Улрик Боел Бенцен. (Фото: М. Аргакијева)

    Продукцијата „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината. Режисерот го нарекува „Кајмак“ и безобразна комедија.

    Во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ.

    Говорејќи за симболиката на насловот, Манчевски на 17 јуни на прес-конференцијата за најавата за филмот, рече дека сам се наметнал, но во една рака е буквален, оти често во филмот гледаме кајмак зашто ликот Виолетка (Ана Стојановска) продава кајмак на пазар, а Карамба (Александар Микиќ) секој ден купува од неа и затоа жена му (Симона Спировска) го кара.

    „Се разбира, тука се сите симболики кои произлегуваат од зборот кајмак, како кремот, како најубавото, и како прашање што е всушност најубаво и за што вреди да се живее“, кажа Манчевски.

    Актерот Петар Мирчевски и њујоршкиот психијатар и музичар Крсте Роџевски играат во филмот. (Фото: М. Аргакијева)

    „Кајмак“ е европска копродукција во која поголем дел од финансиите доаѓаат од странство – 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од земјава, од од Агенцијата за филм на Северна Македонија. Македонската радио телевизија (МРТВ) е копродуцент. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж. Во екипата се вклучени и филмски работници од Англија, Италија и Србија.

    Македонски копродуцент е Јане Ќортошев, дански копродуцент  е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс фон Трир и „Сè е тоа за љубов “ на Томас Винтерберг.

    Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

    Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија Данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директорка Милка Анчевска, костимографка Жаклина Крстевска, а дизајнер на шминка Марио Микисанти.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира