СПЕЦИЈАЛНИ МАТЕРИЈАЛИ ОД ИТАЛИЈА СЕ КОРИСТАТ ВО КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА „СВ. ЃОРЃИ“ ВО КУРБИНОВО ЗА ДА СЕ СОЧУВА МАЛТЕРОТ ОД 12.ВЕК, ВЕЛИ КОНЗЕРВАТОРКАТА ПОЦЕСКА

    СПЕЦИЈАЛНИ МАТЕРИЈАЛИ ОД ИТАЛИЈА СЕ КОРИСТАТ ВО КОНЗЕРВАЦИЈАТА НА „СВ. ЃОРЃИ“ ВО КУРБИНОВО ЗА ДА СЕ СОЧУВА МАЛТЕРОТ ОД 12.ВЕК, ВЕЛИ КОНЗЕРВАТОРКАТА ПОЦЕСКАКонзервацијата која почна минатиот месец е прва посериозна интервенција по речиси 3 децении, за заштита на непроценливото културно наследство од 12.век, познато и како македонската Мона Лиза. (Фејсбук профил на министерката за култура)

    Доцниме со спасот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, но секој ден е драгоцен, сега се работи првата фаза, да помине зимата и конзервацијата продолжува напролет, вели конзерваторката и советничка во Министерството за култура Валентина Поцеска, по најавата дека Заводи и музеј Битола започна со конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата на црквата.

    „Св Ѓорги“ од Курбиново е црковен бисер од 12. век и бесценет културно-историски споменик, познат и како македонската Мона Лиза поради зачуваните фрески во внатрешноста. Но, со години е оставена на забот на времето и чека реставрација. Ова е прва посериозна интервенција, по речиси 3 децении, за заштита на непроценливото културно наследство од 12.век. Досега многу влади се сменија, а во првичните најави на министрите за култура беа и активности за заштита на Курбиново. Имаше и препукувања помеѓу институциите од Битола и Скопје кој е покомпетентен да ја реставрира. Досега се спроведени само заштита на покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство, иако со децении јавноста е сведок на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Ѕидовите на места се распукани, а пожолтуваат фреските, меѓу кои и прочуената ангелот на благовестието Гаврил, кој е претставен и на банкнотите од 50 денари.

    Од Заводот, вели Поцеска, изготвија проект во кој учествуваа повеќе еминентни стручни лица од доменот на архитектурата и градежништвото.

    „На терен, во моментов, се спроведува првата фаза на конзервација за објектот, едноставно кажано, да презими и напролет конзервацијата да продолжи. Од статички аспект црквата е стабилна, а од надворешната страна на ѕидовите се поставуваат цевчиња преку кои подоцна ќе се врши инјектирањето во деловите од ѕидовите во кои има пукнатини. Камените ѕидови кои се со дебелина од 80 сантимери, се чистат од нанесените фуги во длабочина од приближно сантиметар. Не се работи за оргиналните малтери од 12. век, туку за материјали нанесени при неколку подоцнежни интервенции со несоодветни материјали. Сега, ова се изведува со специјални материјали од Италија со крајно внимание да се сочува малтерот од 12. век. Поволните временски услови, во моментов, тоа го дозволуваат“, вели Поцеска

    Таа вели дека е исчистен е дренажниот канал, заштитена е надкровната конструкција, поставено е скелето околу објектот со надворешна обвивка која ќе обезбеди заштита од надворешните влијанија. Поставени се апаратите за контрола на влажноста.

    „Во оваа фаза повторно ќе бидат консултирани стручни лица од Институтот за земјотресно инженерство. Сакам јавноста да знае дека со крајно внимание, стручност и љубов се работи на Курбиново. Сите инволвирани во неговото спасување се свесни за одговорноста која ја имаат не само пред јавноста туку и кон ова непроценливо илјадагодишно богатство.  И ако лично ме прашате, како човек кој 30 години работи во Националниот конзерваторски центар, ние доцниме со спасот на Курбиново. Оттаму, секој ден е драгоцен“, вели Поцеска.

    „Св Ѓорги“ од Курбиново е црковен бисер од 12. век и бесценет културно-историски споменик, познат и како македонската Мона Лиза поради зачуваните фрески во внатрешноста. Но, со години е оставена на забот на времето и чека реставрација. (Фото: Фејсбук профил на министерката за култура)

    Со Буџетот за 2021, вели таа, обезбедени се повеќе пари за да не се оди во неколку етапи како што вообичаено се работи во конзервацијата, и тала. целата следна година ќе се работи конзервацијата.

    „Во текот на годината ќе се изработи и проект за конзервација на фреските, работиме и на тоа да се обезбедат стручни експерти и од странство. Сепак, за да се заврши сето заедно, ќе биде потребна уште уште една година“, додава конзерваторката со долгогодишно искуство.

    Министерката за култура Ирена Стефоска, која е историчарка и исто така експерт за заштита на културното наследство, на 23 септември кажа дека  веднаш по нејзиното стапување на должност, од надлежните институции побарала детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство.

    „Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност! Се прашувам, зошто во последниве децении црквата ‘Св. Ѓорѓи’ (Ангелот од Курбиново) не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го наложува? Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’, во Матејче, иако уште во 2017 Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, кажа Стефоска.

    Поцеска вели дека е несомнено оти земјава има експерти од сите домени на културното наследство, но нивниот број е недоволен во однос на бројот и состојбите во кои се наоѓа културното наследство. Станува збор за проблем со недостаток на кадри во заштитата кој е актуелен од поодамна.

    „Уште во 2003 Советот на Европа во извештајот укажува на потребата од системско решавање на овој проблем. За жал, повеќегодишното отсуство на планска политика за обезбедување настручен кадар доведе до алармантно намалување на ваков кадар. Едукацијата на кадри е една од најургентните потреби во доменот на заштитата на културното наследство. Досегашната практика беше таквите кадри да се оспособуваат преку чиракување, но бројот на оние што се стекнуваа со искуство на тој начин, од годин аво година се намалуваше поради рестрикциите за вработување. Денес професионалците во заштитата се веројатно најдефицитарните кадри во државата. Европските прописи, кои е добро да ги примениме, предвидуваат високо образование, најмалку петгодишно, како услов за практично изведување на конзервацијата. Замислата како да се постигне таквата едукација е да се реализира студиска програма за конзервација и реставрација. Дополнителен проблем, на кој мора да работиме, е континуираното образование на постоечките кадри во заштитата. За тоа од голема помош ќе бидат договори со установи од странство, кои би биле вклучени во заштитата на загрозеното културно наследство“, додава Поцеска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира