ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО И МАНАСТИРОТ ВО МАТЕЈЧЕ ЌЕ СЕ ПРОГЛАСАТ ЗА КУЛТУРНИ ДОБРА ВО ОПАСНОСТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА

    ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО И МАНАСТИРОТ ВО МАТЕЈЧЕ ЌЕ СЕ ПРОГЛАСАТ ЗА КУЛТУРНИ ДОБРА ВО ОПАСНОСТ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА СТЕФОСКА„Нѐ чека огромна работа. Подготовка на акциски план најпрво во заштитата на културното наследство“, рече министерката за култура на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Прогласување за културно добро во опасност на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново и на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, како и анализа за состојбата на спомениците на Народно-ослободителната борба (НОБ) во земјава, се приоритетите на новата министерка за култура Ирена Стефоска.

    Министерката на денешната прес-конференција кажа дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет на нејзиниот кабинет и дека макотрпно ќе работи на раскрстување со вандалскиот однос кон нашето наследство „бидејќи таквиот однос кон него, сите нѐ носи во пропаст“.

    „Нѐ чека огромна работа. Подготовка на акциски план најпрво во заштитата. Поради дводецениската системска негрижа (парцијално се постапувало), се соочуваме со незавидни кадровски, инфраструктурни, логистички и други проблеми во сите институции одговорни за заштитата, со застарен и неефикасен нормативен и организациски модел“, кажа министерката.

    Стефоска рече дека веднаш по нејзиното стапување на должност, од надлежните институции побарала детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде што по 7 години изготвување проекти, досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство.

    „Замислете, зборувам за културно добро од 12 век, со светска вредност! Се прашувам, зошто во последниве децении црквата ‘Св. Ѓорѓи’ (Ангелот од Курбиново) не била прогласена од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на кулурното наследство тоа го наложува? Таквиот статус, добро во опасност, значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, на пример, актуелен е случајот и со манастирот ‘Успение на Пресвета Богородица’, во Матејче, иако уште во 2017 Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност“, кажа Стефоска. Таа додаде дека пред 10 дена од Секторот во Министерството побарала да изготват листа на споменици од НОБ, на територијата на целата земја, кои лично ќе ги обиколи за да види во каква состојба се наоѓаат.

    Стефоска кажа и дека се наближува терминот за распишување на Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата и дека е од исклучителна важност во Собранието што побрзо да се донесе новиот Закон за јавен интерес во културата, во кој, меѓу останатото се менува и моделот на финансирање во културата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира