Споменикот на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија во Скопје е во замрзната фаза, додека Министерството за култура не одлучи дали ќе биде дообликуван како објект или ќе се работи на негово отстранување, кажа денес министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Според првичните најави, споменикот требаше да чини 5,5 милиони евра и требаше да биде готов до април годинава. Споменикот го гради „Бетон Скопје“.
Споменикот на Мајка Тереза беше најавен како донација на фирмата „Сахара Индија“, сопственост на контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој. Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски во јануари 2013, го најавија проектот отвоарајќи ја спомен плочата на Мајка Тереза на Плоштадот Македонија, на местото каде ќе се гради споменикот. Откако Рој отиде во затвор оти не платил оштета на измамени инвеститори во Индија, Владата на Груевски преку Министерството за култура го презеде проектот. Официјалниот старт на градежните работи беше во октомври, 2015.
„Во оваа фаза на нејзина изградба, малку пари ќе бидат потребни доколку решиме да ja конзервираме каква што е, вертикален ѕид со бел мермер и конструкција на фонтана. Тоа е веќе исплатено. Доколку решиме да ја конзервираме без сите дополнителни кич елементи кои беа најавени, нема да требаат дополнителни средства. Разговаравме со изведувачот и сите оние кои работи кои беа во проектот, во смисла на бронзени скулптури на ангели и позлата, тоа секако го запревме. Во овој момент композицијата чини околку 2 милиони евра, што е многу помалку од првично замислените средства“, рече Алаѓозовски.
Министерот денес го претстави предлог – буџетот за 2018 година кој изнесува 4 милијарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно околу 69 милиони и 406 илјади евра, што претставува зголемување од 4.48 отсто во споредба со лани.
„Нешто над 92 отсто од планираните средства од вкупниот буџет на Министерството се предвидени за финансирање на дејностите од областа на културата, додека околу 8 отсто се предвидени за трошоците на администрацијата на Министерството за култура. Споредено со лани, за трошоците на Министерството годинава предвидовме над 112 милиони денари помалку“, додаде тој.
Најмногу пари ќе се потрошат за сервисирање на обврските за изградбата на Македонската филхармонија, 600 милиони денари или 15 насто од вкупниот буџет за дејностите.
Со овој буџет, рече Алаѓозовски, се става крај на проектот „Скопје 2014“, нема нови штети и товар за буџетот и Министерството се раздолжува за досегашните обврски.
Б. НЕСТОРОСКА