Споменикот на слободата во Кочaни, дело на академик Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, ќе се реставрира со американски грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД за зачувување на културата (ФФЦП). Споменикот е во знак на сеќавање на историските борби на македонскиот народ од Илинденското востание до народноослободителната борба од Втората светска војна, а се нарекува и Тврдина или Храм на слободата и е од огромно значење за поновата македонска уметност.
Споменикот е граден во периодот 1975-1977 и по својата уметничка вредност во времето во кое е создаден им пркосел на тогашните европски норми за меморијална и монументална форма, и важи за еден исчекор кон освојување на архитектонско-уметничката слобода во светски рамки. Cелосно е завршен и пуштен во употреба во 1981 и e најголемиот мозаичен монумент на Балканот. Конзервација на дел од мозаичните фризови последен пат е направена пред дваесетина години.
Со американскиот грант, мозаичниот приказ на академик Чемерски кој се издига над Кочани ќе биде обновен, реставриран и реконструиран. Ќе се изврши целосна реконструкција и обнова на споменичната архитектура, поставување нови плочки на партерот и на ѕидовите, како и конзервација на сите мозаици.
„Со поддршката од Амбасадорскиот фонд во заштитата на овој споменик од современата македонска уметност, всушност започнува во пракса да се спроведува Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави во делот за културата, што го потпишавме во јуни оваа година. Преку активностите од овој дијалог, ја зајакнуваме размената на искуства во областа на културното наследство, а со интензивнта соработка со Коалицијата за антиквитети на САД, работиме во насока на превенција од нелегална трговија со културни добра“, соопшти Министерството за култура.
Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, денеска во Киочани го објави грантот и кажа дека проектот е вистинско партнерство меѓу САД и локалната самоуправа во Кочани, при што двете страни поддржуваат различни аспекти на зачувување и одржување на споменикот.
Од 2001, Амбасадата на САД работи со бројни локални партнери за зачувување на македонското културно наследство, а досега се вложени вкупно 1,8 милиони долари.