Асја во стакато, без да смени израз на лице, раскажува како пред очи од бомба ѝ загинал комшијата во редот за вода и како сосе полн канистер стигнала дома, ѝ кажала на мајка си, и седнала да учи за испит. Им ја кажува приказната на жените на еден од оние кореографирани настани за запознавање љубовен партнер (спид дејтинг), не баш соодветно место за такви сеќавања. Ама, и партнерот не е кој било, тој е човекот кој пукал во неа во војната во Босна. Ова е највпечатливата и најжива сцена во „Најсреќниот човек на светот“, шестиот филм на Теона Стругар Митевска и македонски кандидат за Оскар 2023.
Босанската актерка Јелена Кордиќ-Курет која ја игра Асја, во оваа сцена е трогателно извонредна, буицата зборови што извира од неа е истовремено и преживување на траумата и олеснение. Ќе беше добро Митевска да ја искористеше оваа енергија на Кодриќ-Курет за да ѝ даде животворност на Асја, оти и овој како и ликот на партнерот Зоран (го игра Аднан Омеровиќ) не се доразвиени во сценариото, кое босанската сценаристка Елма Татарагиќ го напишала според личното искуство. Митевска е косценаристка на филмот кој е целосно на босански јазик.
Главен проблем е што приказната останува на оваа една реченица: Војник после војната во Босна оди на спид дејтинг за да ја запознае својата прва жртва, жена во која пукал за првпат во живот. И бидејќи нема изградена приказна со комплексни ликови, дејството не се одвива туку се раскажува со плакатни реплики. Интересна идеја е приказната да се открива низ кореографиран спид дејтинг, ама изведбата личи на неуспешна квазипсихолошка кореодрама.
Овој филм најјасно покажува дека Теона, всушност, не знае да раскаже приказна и тоа манипулативно го покрива со притворна наивност. А сепак претенциозно, демек тоа ѝ е уметнички јазик. Во случајов, неразработената приказна се покрива со театарски мизансцен, што глуми камерна драма. Во бројните шлајфувања е и скоро 10-минутната сцена во која главниот лик игра на техно забава. Демек катарза? И после, се враќа кај војников што седи во соба и му простува, и он трапаво си оди.
Штета, оти ова можело да биде комплексна и длабока приказна за воено злосторство, траума, лична борба со своите зли дуси, соочување и проштевање, ама е квазинаивно памфлетско попување за „лузните од војната“.
Во „Најсреќниот човек на светот“ Теона по третпат работи со белгиската кинематограферка Вирџини Сен-Мартен, која ги снимаше и „Јас сум од Титов Велес“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. Камерата на Сен-Мартен тука е немирна, како вознемирен поглед кој лута ваму-таму и патем фаќа детали во непознат простор. Како и во „Петрунија“ со Зорица Нушева, така и тука нејзината камера е единствената што ја следи енергијата на Кодриќ-Курет како Асја и ја навестува нејзината душевна состојба.
„Најсреќниот човек на светот“ имаше светска премиера во програмата Хоризонти на филмскиот фестивал во Венеција.
Марина КОСТОВА