СРПСКАТА АКТЕРСКА ЕЛИТА ВО СЦЕНСКИОТ ВЕЗ НА УНКОВСКИ – ПРЕМИЕРА НА „ММЕ КОЈ ПРВ ПОЧНА“ ВО БЕЛГРАД

    СРПСКАТА АКТЕРСКА ЕЛИТА ВО СЦЕНСКИОТ ВЕЗ НА УНКОВСКИ – ПРЕМИЕРА НА „ММЕ КОЈ ПРВ ПОЧНА“ ВО БЕЛГРАДВо „ММЕ кој прв почна“ играат доајените: Мики Манојловиќ, Јасна Ѓуричиќ, Миријана Карановиќ и Бранислав Лечиќ, како и Јована Беловиќ, Пеѓа Марјановиќ, Ана Рудакијевиќ, Милош Лазиќ, Милош Лучиќ и Нина Перишиќ. (Фото: Блиц)

    По 25 години од поставувањето на „Буре барут“ на Дејан Дуковски во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград, реномираниот македонски режисер и еден од омилените автори на српската театарска сцена, Слободан Унковски синоќа имаше премиера исто така со текст на Дуковски, „ММЕ кој прв почна“. Претставата се играше на сцената „Љуба Тадиќ“ во ЈДП.

    „Тандемот Дуковски-Унковски, славниот македонски драматург и режисер, со големи букви се впиша во историјата на овдешната култура и театар уште пред 25 години со култната претстава ‘Буре барут’. Тоа побуди голем интерес уште кога се најави претставата, а во пресрет на премиерата, вљубениците во театарот чекаат со голема возбуда“, пишуваа српските медиуми пред премиерата.

    Агенцијата МИА пренесува дека доајените Предраг Мики Манојловиќ, Јасна Ѓуричиќ, Миријана Карановиќ и Бранислав Лечиќ ги оживеаја ликовите на сцената на ЈДП опкружени со енергијата на неколку млади актери – Јована Беловиќ, Пеѓа Марјановиќ, Ана Рудакијевиќ, Милош Лазиќ, Милош Лучиќ и Нина Перишиќ, и дека публиката на крајот од претставата со овации ги испратила актерите од сцената.

    Режисерот Унковски со екипата на претставата на прес-конференцијата за премиерата. (Фото: ЈДП)

    Режисерот Унковски за „Политика“ изјави дека се надева дека направиле нешто што може да биде интересно, провокативно и длабоко емотивно за гледање и разбирање.

    „Текстот е многу сложен и тежок да се работи, иако е навидум едноставен. Во ЈДП се здружи сериозен тим со амбиција да го направиме текстот видлив, препознатлив и да се воспостави врска со времето во кое живееме на еден софистициран начин, како и да го фатиме неискажливиот хаос што нè опкружува. Со ова, јас не мислам само на Србија и Македонија. Целта е да ги покажеме личните судбини како резултат на сè она што се случило во последните 20-30 години, што некако е вградено во нашето однесување, без разлика дали сме свесни за тоа или не“, изјави Унковски.

    Бранислав Лечиќ и Мирјана Карановиќ во сцена од „ММЕ кој прв почна“. (Фото: ЈДП)

    Праизведбата на „Маме му е… кој прв почна “ беше во МНТ во 1990-те, а ја постави Александар Поповски. Белградската публика неа имаше можност да ја гледа во 1997 година на БИТЕФ кога ја освои Гран-при наградата.

    „Текстот е создаден во време кога овој хаос беше очигледен, земјата се распаѓаше, сè беше видливо однадвор, кога ништо повеќе не беше свето и сè се уриваше. А, како после тоа распаѓање влијаеше врз некоја личност, како се одрази на љубовта, на меѓучовечките односи? Оваа претстава говори за тоа. Последиците од овој распад на сите вредности се гледаат во човечките односи, во самиот човек, во неговата душа“, изјави Лечиќ, кој во претставата ги игра ликовите на Кловн, Црниот Арапин, Икона и Шејтан.

    Драматург на претставата е Јелена Миловиќ, која ја преведе драмата на Дуковски на српски јазик. Сценографи се Бранко Павиќ и Дејан Миљковиќ, костимограф е Лана Цвијановиќ, а композитор е Владимир Пејковиќ.

    „ММЕ кој прв почна“ е десетта режија на  Унковски во ЈДП, каде што ги има режирано и: „Хрватски фауст“, „Театарски илузии“, „Буре барут“, „Шини“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира