СТОПИРАНА ИСПЛАТАТА НА ПАРИ ЗА ПРОЕКТИТЕ ВО КУЛТУРАТА ОД ПРЕТХОДНИОТ МИНИСТЕР, ВЛАДАТА ПРАТИ ФИНАНСИСКА ИНСПЕКЦИЈА ВО МИНИСТЕРСТВОТО

    СТОПИРАНА ИСПЛАТАТА НА ПАРИ ЗА ПРОЕКТИТЕ ВО КУЛТУРАТА ОД ПРЕТХОДНИОТ МИНИСТЕР, ВЛАДАТА ПРАТИ ФИНАНСИСКА ИНСПЕКЦИЈА ВО МИНИСТЕРСТВОТОСе испитува законската основаност за исплатата на проектите од мандататот на претходниот министер Хусни Исмаили. (Фото: Влада)

    Стопирана е исплатата на проектите од културата за 2020 година, одлучи Владата на денешната седница и го задолжи Министерството за култура да викне Финансиска инспекција.

    „Владата ја разгледа и усвои Информацијата за вкупните неисплатени обврски на Министерството за култура за проектите избрани на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година и го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа финансиските средства на корисниците без да ја утврди законската основаност за тие средства“, стои во одлуката по денешната седница.

    Владата го задолжила Министерството за финансии преку Секторот за финансиска инспекција да изврши контрола во Министерството за култура кое доби обврска по извршените финансиски контроли да ја информира Владата.

    Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили. Ирена Стефоска е министерка за култура од 31 август.

    „Министерството за култура, во периодот од 1 септември 2020 до 31 јануари 2021, поради нереализирани проекти и неуредна финансиска документација, раскина договори во вкупен износ од 70.776.722,00 денари, односно над 1 милион евра. Министерството за култура, спроведе внатрешна ревизија. Наодите од ревизијата, Министерството по службена должност ги испрати до Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор при Министерството за финансии, до Финансовата полиција и до ДКСК. Во согласност со усвоените заклучоци од вчерашната седница на Владата, Министерството за култура нема да ги исплаќа средствата кон другите корисници до завршување на финансиските контроли, а со цел заштита на буџетските средства“, велат од кабинетот на министерката Стефоска.

    Стефоска во ноември кажа дека исплатата на проектите во културата е забавена затоа што внатрешна ревизија во Министерството за култура испитувала зошто во јуни и јули се склучувале анекси на договори за зголемување на сумите во одредени дејности и се прифаќале проекти по жалба кои претходно биле одбиени.

    „Свесни сме дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната. Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека Буџетот за 2020 длабоко стапнал на ‘чергата’ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од 2 причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 % и втората, затоа што во јуни и јули се потпишувале анексите“, рече тогаш министерката, додавајќи дека штом дошла на функцијата, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството кој се прелевал од година во година.

    „Веднаш го екипиравме Одделението за внатрешна контрола во секторот финансии, ја активиравме внатрешната ревизија чиј извештај за една од дејностите е поразителен и оди на понатамошна постапка во соодветните институции. Поради тоа исплатите се забавени. За да не ја доведеме културата во иста ‘стапица’, посветено работевме и на препораките на Државниот завод за ревизија од 2017, во врска со начинот на распределба на средствата од годишните конкурси. Наша цел е кај сите корисници, независно од исходот, да преовладее чувството дека процесот бил спроведен во фер постапка“, кажа министерката во Владата на крајот на ноември.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира